Регион
Српскиот министер за здравство отсега ќе одлучува за рестриктивни мерки, забрането собирање повеќе од 5 лица
Собранието на Србија усвои измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведуваат казнени мерки и му се даваат поголеми овластувања на министерот за здравство, Златибор Лончар, во борбата против коронавирусот, со можност за пропишување задолжителна вакцинација.
Со измените и дополнувањата на законот се воведени казни за непочитување на епидемиолошките мерки – за неносење заштитни маски 40 евра за физички лица и од 400 до 2.550 евра за правни лица, а санитарната и комуналната инспекција и комуналната полиција ќе бидат одговорни за спроведување на казнените мерки.
Клучна личност кога станува збор за усвојување мерки во случај на пандемија ќе биде министерот Лончар, а измените и дополнувањата на законот значително ги проширија неговите овластувања. Тој може да забрани собири и да го ограничи движењето. Со измена на законот на Лончар му беше дадено овластување да одлучува за вакцинацијата на населението.
Дефинирани се мерките за изолација, кои бараат третман дома и ја ограничуваат слободата на движење на пациентите кај кои е утврдено присуство на некакви симптоми или знаци на заразна болест. Мерката ќе ја препишат специјалисти за инфективни и заразни болести или лекари од други специјализации во согласност со прописите на Министерството за здравство.
Слободата на движење исто така може да им биде ограничена на здрави лица што биле во контакт со заразени лица. Оваа мерка може да се примени и за патниците во меѓународниот сообраќај што влегуваат во Србија од земји со неповолна епидемиолошка состојба.
Најновиот пакет-мерки го ограничува собирањето повеќе од пет лица во затворено и надвор. Најголем фокус сè уште е Белград, со 40 до 50 проценти од вкупниот број новоинфицирани на дневна основа.
Од почетокот на епидемијата на 6 март во Србија се регистрирани 73.765 заразени лица, а официјално се пријавени 955 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.