Регион
Српскиот министер за одбрана: Нема да дозволиме уште една „Бура“, Армијата е распоредена кон административната линијa
Министерот за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека припадниците на вооружените сили на Србија се распоредени на позиции кон административната линија и дека Србија нема да дозволи нова „Бура“.
„Нешто пред 14 часот, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија издаде дополнителни наредби единиците на српските вооружени сили да заземат одредени позиции кои беа дефинирани во согласност со нашите одбранбени планови, стратешки планови, а исто така и оперативни и тактички акции на српските вооружени сили, се со цел да се заштити суверенитетот на Република Србија и нејзините граѓани“, изјави Вучевиќ за РТС.
Министерот за одбрана Милош Вучевиќ потврди дека Вучиќ ја потпишал наредбата за зголемување на борбената готовност и додаде дека ситуацијата на Косово е драматична.
„Сето она што претседателот Вучиќ со денови и недели предупредуваше дека Приштина брза понатаму во ескалацијата и спроведувањето терор врз српската заедница, пред се на северот на Косово, и го привлече вниманието на меѓународната заедница и посредниците во дијалогот меѓу Приштина и Белград, за жал, се покажа дека е вистина“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.
„Некој мора да разбере дека она што го прави Албин Курти нè води кон црвени линии, нè води до целосен колапс на дијалогот, нè води до деескалација на теренот“, рече Вучевиќ.
Рече дека Министерството за одбрана, односно вооружените сили на Србија, ќе ја спроведат наредбата на претседателот и ќе го направат она што се очекува од вооружените сили на Србија да бидат онаму каде што е најтешко да се бранат слободата и независноста на Србија.
Министерот им порача на Србите на Косово, колку и да е ситуацијата драматична и тензична, треба да бидат максимално мирни, во смисла да не наседнуваат на провокации, да не дозволат да се игра сценарио каде би биле прикажани како некои криминални групи или хулигани, бидејќи според него, е јасно дека се врши институционален терор на територијата на Косово врз српската заедница.
„Тие сакаат да го спроведат етничкото чистење до крај, пред сè, на компактната српска заедница на северот на Косово“, рече Вучевиќ.
Изјави дека припадниците на вооружените сили на Србија се распоредени на позиции кон административната линија, како и дека Србија нема да дозволи нова „Бура“.
„Нема да се повтори 17 март 2004 година. Нема да ги земете преостанатите Срби и да ги ставите во трактори и да ги испратите во централна Србија. Ако тоа е целта, а според мене тоа е, мора да знаете дека Србија ќе најде адекватен одговор, пред се политички, и не исклучувам ниту еден друг одговор кој ќе биде адекватен на опасноста што и се заканува на нашата земја и на нашите граѓани, секако имајќи предвид дека го чуваме мирот речиси по секоја цена“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека Белград е во постојана комуникација со КФОР и меѓународните посредници и дека врши политички и дипломатски притисок сите да се вразумат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

