Регион
Таткото монструм од Србија се обидувал да стане инфлуенсер додека го држел заклучено девојчето во станот
Деталите од животот на Урош Пашајлиќ (38), белграѓанецот кој беше уапсен под сомнение дека ја злоставувал невенчаната сопруга и ја држел заробена својата осумгодишна ќерка во стан на Звездара со години, продолжуваат да ја шокираат јавноста во Србија.
Од неговото барање детето да му биде доделено откако било одземено од мајката, потоа грозоморното запоставување, па сè до несреќните обиди на Пашајлиќ да изгради кариера како инфлуенсер преку своите социјални мрежи – постапките на овој човек предизвикуваат гнев и бес кај Србите, пишува „Нова.рс“.
Пашајлиќ моментално се наоѓа во притвор поради сомнение дека извршил кривични дела семејно насилство, злоупотреба и тортура и затоа што ја запоставил својата осумгодишна ќерка и решил да не изнесува одбрана пред обвинителот, но накратко изјавил дека употребувал наркотици и алкохол подолго време.
Грозоморните злодела на Пашајлиќ излегоа на виделина откако неговата невенчана партнерка отишла во полиција бидејќи Пашајлиќ ја нападнал, а патем им кажала на полициските службеници и дека мажот ја чува во заробеништво нејзината ќерка во станот на улицата Ружице Сокиќ во Ѕвездара.
Тогаш, едно по едно, почнаа да испливуваат страшните детали.
Најпрвин беше откриено дека девојчето живеело во ужасни, нехигиенски услови во станот на Пашајлиќ, дека татко и’ ја оставил без храна, сама. Никогаш не посетувала предучилишна установа или основно училиште, не била на доктор, ниту пак го напуштила овој стан. Затоа таа никогаш немала можност за нормален живот и „благодарение“ на низа пропусти на надлежните институции останала невидлива за системот.
Поради контрадикторните одговори на надлежниот Центар за социјална работа и Првиот основен суд во Белград, не е јасно како е можно детето, откога и било одземено старателството на биолошката мајка, да заврши кај нејзиниот татко, за кој претходно било утврдено дека е зависник и бил осомничен за насилство. Судот во одговорот на прашањата на редакцијата на „Нова.рс“ посочил дека во еден момент побарал детето да биде со него до завршување на судската постапка.
На прв поглед може да се заклучи дека Пашајлиќ навистина сакал да се грижи за својата ќерка, меѓутоа, деталите кои излегоа во јавноста не само што го покажуваат спротивното, туку ја откриваат целата монструозност од затворањето на девојчето.
Додека таа ги поминувала деновите затворена во тоалетот, нејзиниот татко продолжил да живее ергенски живот.
Неговите профили на Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб се полни со детали од неговиот личен живот. Сепак, од ниту еден пост не може да се заклучи дека тој воопшто има ќерка. Очигледно се обидел да ја држи подалеку од очите на јавноста и во виртуелниот свет. На едно од тие видеа се гледа како лежи во кадата полна со вода каде полицајците го пронашле девојчето кога упаднале во станот.
Видеото ги покажува неговите стапала во када полна со вода која полека истекува.
Тој се испробал и во улогата на „гејмер инфлуенсер“, така што се објавувал додека игра игри, а споделувал и фотографии од одмори, автомобили од различни модели и вредности. На одредени објави ги охрабрува своите следбеници на интеракција, барајќи од нив да му напишат во коментар како се чувствуваат и слично.
Веднаш по упадот на полицијата во станот, на девојчето му била укажана лекарска помош на Универзитетската детска клиника во Тиршова.
„Девојчето е примено во УДЦ Тиршова на рехидратација и реалиментација која и е неопходна поради тешка и долготрајна неухранетост“, велат од таа институција.
Според информациите на „Нова.рс“, девојчето е во исклучително лоша состојба. Храната ја добива преку инфузија, а откако ќе го опорави метаболизмот, следните чекори се разговор со психолози и социјализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

