Регион
Тања Фајон: Европската иднина на Србија е во интерес на Словенија и на целата ЕУ
Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, која денеска е во посета на Белград, истакна дека европската иднина на Србија е во интерес на Словенија и на целата Европска Унија и оти доаѓа во Белград со цел да ги зајакне односите меѓу двете земји.
„Како министер за надворешни работи на Република Словенија гарантирам дека ќе сторам сè што е во моја моќ да ѝ помогнам на Србија на нејзиниот европски пат бидејќи тоа е во интерес на Словенија и на целата ЕУ“, изјави Фајон за весникот „Политика“.
Таа дополни дека и покрај тоа што нема лесни теми за разговор, дијалогот меѓу Белград и Приштина, со европско посредништво, останува најдобриот начин за решавање на противречностите и предизвиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Четири деца се пронајдени без свест во спалните соби, едното починало од труење со гас: трагедија во Грција
Едно дете почина, а три се во тешка состојба по истекување на гас во семејна куќа во Ксанти, Грција.
Според медиумите, 16-годишно момче го загубило животот, две од неговите сестри биле интубирани, додека третата сестра исто така е во тешка состојба.
Децата утрово биле пронајдени во куќата без свест. Според медиумите, родителите спиеле во горната соба, додека децата биле на приземје. Кога утрово мајката се симнала, забележала дека ниту едно од децата не се движи и веднаш повикала брза помош.
Не многу долго откако сите биле префрлени во болница, лекарите можеле само да констатираат смрт на момчето. Неговите три сестри на возраст од 15, 18 и 20 години се во исклучително тешка состојба, според написите.
Во болница се хоспитализирани и таткото и мајката, но според грчките медиуми не биле забележани здравствени проблеми.
На трагедијата наводно им претходело поставување на резервоар за плин од надворешната страна на куќата. Се уште не е познато како дошло до истекувањето на гасот.
Регион
Вучиќ: Ќе продолжиме да се вооружуваме за да не се повтори ниту 1995, ниту 1999 година
„Ние не ја гледаме Хрватска како непријател, но сериозно се вооружуваме и ќе продолжиме да го правиме тоа за да не се повторат 1995 и 1999 година“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Согласно промената на доктрината на српската армија, ние мора да бидеме посилни од значаен дел од нашите соседи заедно“, изјави Вучиќ на ТВ Пинк.
Посочувајќи дека армијата „силно, брзо, ефикасно и сериозно“ се вооружува, Вучиќ рече дека тоа ќе продолжи за „да не се повтори ниту 1995, ниту 1999 или многу други години“.
„Нема да нападнеме никого, но никој да не помисли повторно да изврши агресија врз нашата земја“, рече Вучиќ.
Вучиќ признава дека Хрватска е поразвиена земја, но тврди дека Србија расте многу побрзо од нејзиниот западен сосед и дека оваа разлика се намалува.
Регион
Драма во Зеница: маж осуден за воени злосторства дошол во полициска станица и се заканувал со бомба
Голема драма се одвивала утрово во Зеница кога маж извадил рачна бомба откога се дознало дека е осуден за воени злосторства.
Според медиумите, Д. Х. (56) од Зеница престојувал околу осум часа во просториите на полициската станица за да ги оствари своите права.
„Од извршените проверки е утврдено дека тој се бара од страна на Општинскиот суд Зеница за издржување затворска казна бидејќи е осуден за воено злосторство“, изјави Самир Валентиќ, портпарол на МВР.
При обидот за апсење извадил рачна бомба и им се заканувал на полицајците.
„Потоа се оддалечил од просториите на полициската станица. Со брза интервенција на полициски службеници бил лоциран, лишен од слобода и спроведен во службени простории. За ова била известена и судската полиција. Лицето ќе биде предадено во полиција, која ќе го одведе на издржување на казната. Делата што ги извршил утрово ќе бидат документирани од полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција“, додаде Валентиќ.