Регион
Трагедија во Мостар: бебе почина од голема кашлица
Два и полмесечно бебе почина од голема кашлица во Мостар. Бебето не било вакцинирано и имало други здравствени проблеми.
Надлежните велат дека нема простор за ширење паника, но повикуваат на вакцинација. Во Хрватска дури има и епидемија на голема кашлица, пишува „Српски инфо“.
„Институтот за јавно здравје потврди дека пред десет дена во Универзитетската болница во Мостар е регистриран случај на заразна голема кашлица кај бебето“, пренесува БХРТ.
„И покрај сите преземени мерки од колегите од Kлиниката за детски болести, детето, за жал, почина. Можам да кажам дека детето имаше некои други здравствени проблеми и дека не е вакцинирано, дали поради тие болести или не, но тоа е периодот кога првата доза за голема кашлица се дава во вториот месец“, изјави Ениз Чолаковиќ, директор на Институтот за јавно здравје.
Големата кашлица е екстремно заразна бактериска инфекција на дишните патишта, а најдобра превенција е редовната вакцинација на децата. Заводот затоа апелира за редовна вакцинација на децата со цел да се спречи појава и ширење на заразни болести, како што е во моментот случајот во Хрватска.
Најлошо е во Сплит, каде што има повеќе од 70 заболени, а 10 лица се заразени во Загреб.
Големата кашлица се пренесува преку капков пат, а првите симптоми се појавуваат по седум дена. Изгледа како настинка. Лекарите велат дека најпогодени се малите деца, кои немаат целосно развиен имунитет и не се вакцинирани.
Последен пат во БиХ е забележана голема кашлица во 2018 година кога биле заразени 93 лица.
Од Институтот посочуваат дека во последните месеци на ниво на БиХ се спроведува зајакната програма за имунизација бидејќи нејзиниот пад носи ризик од враќање на заразните детски болести, кои практично се искоренети со години. Се надеваат дека во случај на голема кашлица таа нема да достигне посериозни епидемиски размери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

