Регион
Тригодишно девојче во Србија се отруло со алкохол: имало 4,5 промили алкохол во крвта
Тригодишно девојче од селото Брајковац, недалеку од Лазаревац во Србија, минатата недела се отруло со алкохол. Тоа се случило во семејниот дом кога девојчето најверојатно испило ракија.
Девојчето било донесено на Детската клиника во Тиршова во многу алкохолизирана состојба, а според „Новости“ нивото на алкохол во крвта на детето бил 4,5 промили.
Извор од истрагата за „Новости“ изјавил дека девојчето е во тешка состојба но навреме било донесено во болница.
Според последните информации, девојчето било во куќата со двајцата постари браќа и сестрата и во еден момент наводно пронашла шише ракија од кое се напила.
Соседот за медиумите изјавил дека браќата го качиле онесвестеното девојче на трамполина пред куќата и истрчале кај соседите да им кажат што се случило и да побараат помош.
Му го покажале шишето од кое пиело девојчето. Соседот рекол дека немал автомобил да го вози детето, па му се јавил на таткото на девојчето, кој не живеел со семејството, туку во Шабац.
Според приказната на соседот, таткото пристигнал за час и половина и го однел девојчето во болница. „Новости“ пренесува дека девојчето се опоравува, дека е во стабилна состојба и дека наскоро ќе биде отпуштено.
Со оглед на количеството алкохол во крвта и фактот дека се работи за тригодишно дете, на девојчето и се заканувало дијализа. Основното јавно обвинителство Лазаревац вчера нареди полицијата да поднесе кривична пријава против мајката на девојчето. Како што е соопштено, врз основа на прибраните докази во последните денови, мајката се сомничи дека сторила кривично дело кршење на семејните обврски.
Мајката ќе биде под истрага кога ќе ја напушти болницата во која е од минатата недела. Мајката ќе биде сослушана во обвинителството, а по завршувањето на доказната постапка ќе се одлучува дали против неа ќе биде поднесен обвинителен акт, пишува медиумот.
Новинските извештаи наведуваат дека мајката била бремена во третиот месец и имала спонтан абортус, и дека поради тоа се наоѓа во болница во Белград. Таму била задржана на лекување. Нејзините четири деца на возраст од 13, 12, 8 и 3 години останале сами дома. Наводно побарала од сосед да се грижи за нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
ЕУ: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок кон членство во ЕУ
Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок на својот пат кон ЕУ во изминатата година, додека другите земји-кандидатки ќе мора да инвестираат повеќе, изјави денес комесарката за проширување Марта Кос.
„Значителниот напредок постигнат досега од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина на нивниот пат кон ЕУ покажува дека реформите се исплатуваат. Ова треба да послужи како силна мотивација за сите земји вклучени во процесот“, рече Кос, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Кос нагласи дека проширувањето на Европската Унија би можело да стане реална можност со оглед на забрзаното темпо на конвергенција на некои земји. За да се случи проширувањето, земјите-кандидатки треба да се подготват да ги преземат одговорностите за членство, додека Европската Унија треба да се подготви за проширување, додаде Кос.
Кос нагласува дека следната година ќе биде „момент на вистината“ за сите земји-кандидатки, особено за оние со амбициозни планови за завршување на преговорите.
Фото: принтскрин
Регион
Едно лице убиено, две повредени на грчкиот остров Евија
Дваесетгодишен маж беше избоден до смрт, а уште две лица беа повредени во два одделни инцидента на грчкиот остров Евија, соопшти полицијата.
Службениците изјавија дека случаите би можеле да бидат поврзани со насилство на фудбалски натпревари, објави „Ројтерс“.
Пет лица се уапсени, вклучувајќи двајца повредени мажи, а најмалку осум лица наводно биле вклучени во насилството, изјави портпаролката на полицијата, Константина Димоглида, за грчката телевизија „Скај“.
Полицијата истражува дали инцидентите биле мотивирани од конфликт меѓу навивачи на два сопернички фудбалски тима.
Податоците на полицијата покажуваат дека бројот на насилни инциденти поврзани со спортот се удвоил, од речиси 300 случаи во 2020 година на 700 годишно, а службените лица исто така истакнуваат дека постои можна врска меѓу хулиганите и криминалните банди.
Фото: принтскрин
Регион
Вонредна ситуација во нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија
Во нуклеарната централа „Козлодуј“ избувнал пожар во енергетската просторија на безбедносниот систем на петтиот блок, што предизвикало итна реакција на работниците на електраната, објави порталот „Новините“.
Поради густиот чад во просторијата, повикана е противпожарна служба, а се преземаат мерки за замена на оштетената опрема, јавува „Танјуг“.
Официјално е објавено дека ситуацијата е под контрола и дека нема опасност за луѓето. Работниците во електраната остануваат во готовност додека инцидентот не се реши целосно.
Фото: принтскрин

