Регион
Турција го критикува договорот меѓу кипарските Грци и САД
Меморандумот за разбирање потпишан неделава меѓу администрацијата на САД и кипарските Грци ќе им наштети на напорите за решавање на кипарското прашање наместо да придонесе за мирот и стабилноста, соопшти Министерството за надворешни работи на Турција, пренесува „Анадолија“.
„Меморандумот потпишан меѓу администрацијата на САД и кипарските Грци на 12 септември 2020 година предвидува формирање центар за безбедност на копно, отворено море и пристаниште во администрацијата на кипарските Грци и ја игнорира страната на кипарските Турци“, рече портпаролот на турското МНР, Хами Аксој.
Чекорите преземени од САД за укинување на ембаргото за оружје на кипарските Грци и вклучување на грчката страна во својата програма за меѓународно воено образование и обука (ИМЕТ) ја нарушуваат рамнотежата помеѓу двата народа на островот и ги зголемуваат тензиите во источен Медитеран, смета Аксој.
„Во овој поглед зачудувачки е што американскиот државен секретар, Мајк Помпео, не се состана со кипарските Турци за време на својата посета на островот. Ги повикуваме САД да се вратат на својата традиционална политика на неутралност во врска со островот и да придонесат во напорите за решавање на кипарското прашање“, истакна тој.
На 1 септември САД делумно го укинаа ембаргото за вооружување на администрацијата на кипарските Грци, а Помпео во јули објави дека САД ја вклучиле администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар во својата програма за воена обука за 2020 година.
По насилната поделба на островот Кипар од страна на кипарските Грци во 1963 година, кипарските Турци страдаа под кампања на етничко насилство. Во 1974 година, по државниот удар насочен кон присоединување на Кипар кон Грција, Анкара мораше да интервенира како гарант. Во 1983 година е основана Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
Со децении се водеа разговори за решавање на спорот, но сето тоа заврши без успех. Најновата рунда разговори, одржана со учество на земјите гаранти – Турција, Грција и Велика Британија – заврши во 2017 година во Швајцарија.
Во 2004 година планот на тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за решение беше прифатен од кипарските Турци, но беше одбиен од кипарските Грци на референдумите одржани на двете страни на островот. Во неодамнешниот извешта, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека можеби ќе бидат потребни нови идеи за решавање на прашањето на Кипар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

