Регион
„Турција интензивно ја вооружува Приштина“: подигнато нивото на ризици и закани во Србија
Државниот секретар на Министерството за одбрана на Србија, Немања Старовиќ, изјави дека Турција интензивно работи на вооружување и обука на косовските безбедносни сили.
„Секако дека интензивно ги следевме сите овие процеси, нашите агенции, кои се надлежни за ова, со месеци детаљно известуваа до државниот врв за сѐ што се случува и, секако, во согласност со тоа, користејќи дипломатски канали, ние ги предупредивме претставниците на Турција дека тоа што се случува е апсолутно неприфатливо. Секако, зборуваат за тоа дека се работи за некакви комерцијални аранжмани, за распродажби“, изјави Старовиќ.
„Од друга страна, врз основа на сето она што го знаеме, имајќи го предвид буџетот што се издвојува за косовските безбедносни сили, немаат пари за такво нешто и не може да стане збор за комерцијални аранжмани и сосема е сигурно дека се работи за турски донации“, рече Старовиќ.
Тој додаде дека беспилотните летала биле јавно презентирани од Аљбин Курти и дека сега сите се свесни за тој факт. Според Старовиќ, не станува збор само за беспилотни летала од типот „Бајрактар“, туку и за многу сериозни, софистицирани противтенковски системи, минофрлачи и фрлачи на гранати ОМТАС.
„Затоа тоа го подига нивото на ризици и закани, пред сѐ, кон српското население што живее во Косово и Метохија, но и кон Република Србија во целост“, вели Старовиќ.
Тој посочи дека тоа не е причина за паника, туку дека е кршење на меѓународното право за што, како што посочува, Белград има адекватни одговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

