Регион
Турција спасила 80 мигранти во Егејското Море
Турција спаси речиси 80 баратели на азил, вклучително и група што грчката крајбрежна стража ја истуркала назад во турските територијални води во Егејското Море, изјавил во понеделникот безбедносен извор цитиран од турската агенција „Анадолија“.
Деветнаесет баратели на азил останале заглавени во гумен чамец кога им се расипал моторот и биле спасени покрај брегот во округот Мармарис во југозападната турска провинција Мугла, соопштил изворот, кој побарал да не биде именуван.
Друга група од 34 баратели на азил била спасена од турската крајбрежна стража, која спроведувала рутинска патрола крај брегот на областа Бодрум во провинцијата Мугла.
Во одделен случај друг тим на крајбрежната стража на Турција бил испратен покрај брегот на Ајвачик во северозападна провинција Чанакале за да спаси 26 баратели на азил. Азилантите се обидувале да стигнат до грчкиот остров Лезбос со гумен чамец и со чамец за спасување.
Безбедносни извори соопштиле дека барателите на азил биле вратени назад во турските територијални води од страна на грчката крајбрежна стража. По рутинските проверки, сите баратели на азил биле одведени во провинцискиот орган за миграција.
Турција е клучна транзитна точка за барателите на азил, кои сакаат да преминат во Европа за да почнат нов живот, особено оние што бегаат од војна и прогонства.
На почетокот на оваа година Турција ги отвори своите порти за нелегалните мигранти што сакаат да стигнат до Европа обвинувајќи ја ЕУ дека не ги исполнила своите ветувања според договорот за мигранти во 2016 година.
Турција во повеќе наврати ја осуди незаконската практика на Грција за принудно враќање на барателите на азил велејќи дека со тоа ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животот на ранливите мигранти, вклучително и жени и деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

