Регион
Уапсен и вујкото на осомничениот за масовното убиство кај Младеновац

Вујкото на Урош Блажиќ, кој ги изврши масовните убиства во Младеновац и Смедерево, е уапсен поради сомнение дека сторил кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материјали.
На Г.Г. (49) му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа, соопштија од Вишото јавно обвинителство Смедерево.
Тој е уапсен врз основа на нови факти утврдени во истрагата која е во тек против Урош и неговиот татко, со цел да се утврдат и расветлат сите околности во врска со потеклото на оружјето со кое обвинетиот ги извршил кривичните дела кои му се товарат.
Г.Г. заедно со кривичната пријава ќе биде донесен на распит во просториите на Вишото јавно обвинителство во Смедерево.
Урош е осомничен за сторени кривични дела тешко убиство, недозволено изработување, држење, држење и тргување со оружје и распрскувачки материјали, грабнување и неовластено користење туѓо возило. При претрес на куќа и викендица сопственост на осомничениот, пронајдено е поголемо количество оружје.
Во викендица се пронајдени карабин со оптика, пиштол, сигнален пиштол, два пригушувачи, ловечки нож и други делови за оружје, 164 куршуми различен калибар, 13 ловечки патрони, 12 чаури, 4 сигнални куршуми и 25 парчиња карабинска муниција.
При претресот на куќата и помошниот објект во населба Вињиште, полицијата пронашла четири рачни бомби, неколку кутии пиштолска муниција, неколку парчиња муниција за пушка, рамка за пиштол, две рамки најверојатно за автоматска пушка, носач за оптика, како и автоматска пушка без сериски број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Невреме ја зафати Србија, два авиони кружат на небото чекајќи подобри услови за слетување

Силна бура со грмотевици го погоди Белград, поради што два авиона не можат да слетаат веќе некое време. Станува збор за летови од Виена и Анкара, а овие два авиона кружат над Смедерево.
Бурата придружена со грмотевици и дождови ја погоди цела Србија, а потоа и Белград. Црни облаци се надвиснаа над главниот град. Републичкиот хидрометеоролошки завод предупредува дека се очекува силен град и бурни ветрови, пишува „Телеграф“.
Србија е под влијание на циклони и студени фронтови, кои носат посилна промена на времето, со дожд и грмежи.
Регион
Волк нападнал 5-годишно дете од Србија на плажа во Грција: „Не’ бркаше на плажата и во дворот“, сведочи мајката

Неверојатно звучеше веста дека волк нападнал девојче од Србија на плажа кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Во првите извештаи медиумите беа резервирани, со сомнеж дека можеби не станува збор за волк, туку за некоја слична ѕверка. Детето заврши во болница со гребаница по грбот, пишува српски “Телеграф“.
Трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден човек кој почнал да го гаѓа животното со камења.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, се присетува на ужасната сцена која можела да заврши трагично, Ирена Пеиќ – мајка на петгодишното девојче од Србија, кое во петокот на плажа во близина на градот Неос Мармарас беше нападнато од волк.
Сцената се одиграла за само неколку секунди, во раните утрински часови.
„Тоа е плажа пред делот кон Парадисос плажата, нешто пред осум часот наутро. Беше свежо, а среќна околност е што ќерка ми носеше дуксер. Таа си играше со едно бебе на плажата, кога еден човек викна: ‘Што е ова?’ Во истиот момент додека станувавме, волкот беше веќе до нас. Буквално ни го блокираше преминот и се позиционираше така што не можевме да поминеме“, опишува Ирена.
Во следната секунда, вели, волкот бил веднаш до девојчето.
„Ја отвори муцката за да ја зграпчи, но во тој момент ја зграбив и тргнав да бегам. Нас нè спаси човекот што почна да фрла камења. Волкот падна во вода, ние добивме неколку секунди да побегнеме по скалите за да влетаме во апартманот. Но, волкот излезе од водата и скокна во дворот на апартманот, па таму почнаа да го бркаат со мотки и камења, и така заеднички го истераа“, вели таа.
Среќа во несреќа, девојчето поминало само со гребаница по грбот. Во болница добила неколку вакцини и терапија со антибиотици.
„Сите бевме многу вознемирени. Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка.
Таа додава дека детето било во голем страв и два часа не дозволувало да се отворат вратите од апартманот.
Ирена го пријавила случајот во општината и полицијата, со надеж дека некој ќе реагира.
„Пред неколку дена имаше пожар, па веројатно волкот се одвоил од чопорот. Чувме дека ова не е прв напад – велат дека е веќе петти во регионот. Еден напад на жена бил пред три дена, а на куче пред два. Некои велат дека имало напади и во мај. Се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки. Никој од нас не очекуваше такво нешто, но најмалку 20 луѓе го видоа волкот, имам сведоци“, објаснува Ирена.
Регион
Трагедија во Црна Гора: девојка од Србија се удави во близина на Тиват

Попладнево во морето кај Луштица, Црна Гора, нуркачи и членови на Пловечката единица безуспешно се обидуваа да го пронајдат и извлечат телото на девојка од Србија, пренесоа српските медиуми.
Девојка од Врњачка Бања се удави денес околу 15 часот, во близина на ’ртот Весло кај Луштица, додека се фотографирала со пријателка на една од карпите и паднала во водата, објавија црногорски „Вијести“.
Додека се фотографирала, се верува дека морето се разбранувало, а брановите ја повлекле девојката.
Полицијата и нуркачките екипи го забележале безживотното тело на девојката како плови во еден момент, но лошото време и брановите ги спречиле да се приближат.
Затоа, операцијата за извлекување ќе продолжи наутро.
фото: принтскрин