Регион
Уште седум деца примени на ВМА во Белград поради труење со алкохол, вкупната бројка од синоќа е 33 деца
Група на деца кои синоќа во тешка алкохолизирана состојба биле примени на ВМА во Белград се затруле со алкохол во ноќен клуб, јавува „Н1“. Од клубот изјавиле дека немаат никаква врска со настанот и дека просторот го дале под закуп за приватна прослава.
Според написите, синоќа во ВМА се примени 12 деца до 15 години кои биле во тешка алкохолизирана состојба. Според лекарите, некои деца имале дури 2,8 промили алкохол во крвта.
Според неофицијални информации, децата се затруле со неквалитетен алкохол кој им бил послужен во клубот.
Од клубот соопштиле дека просторот бил изнајмен во средата навечер за приватна прослава и дека управата на клубот нема никаква врска со споменатите настани.
„Со ова го изразуваме нашето жалење и загриженост за несаканите настани“, соопштиле од клубот.
Вишото јавно обвинителство соопшти дека отворило предмет и нареди да се откријат одговорните, пренесуваат српските медиуми.
„Главниот јавен обвинител на ВЈТ во Белград, Ненад Стефановиќ, нареди да се идентификуваат одговорните и во соработка со полицијата да се утврдат околностите на овој случај, по што ќе биде донесена одлука за квалификација на кривичниот дел и гонење на сторителот“, се наведува во соопштението на ВЈТ.
Уште седум деца денеска завршиле на ВМА поради труење со алкохол, според „Блиц“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сирија го призна Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека Сирија ја признала независноста на Република Косово, пренесува Анадолу.
Османи, која е во официјална посета на Ријад, изјави дека со поддршка на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, е постигнат договор со кој Сириската Арапска Република ја признава Република Косово.
Османи му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал-Шарија за одлуката за признавање на Косово, како и за неговата поддршка за Косово.
„Народот на Косово и Сирија многу страдаше и жртвуваше за да постигне слобода. Затоа, ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание на жртвите на многу генерации за слободен живот“, рече Османи.
Таа, исто така, му се заблагодари на саудискиот престолонаследник „што го овозможи овој историски чин меѓу двете земји“. Со признавањето од Сирија, сега 120 земји ширум светот го признаа Косово.
Регион
Додик му се заблагодари на Трамп
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, се огласи откако САД ги укинаа санкциите против него, заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп за исправката, како што тврди, на големата неправда. Тој ја нарече одлуката морална рехабилитација на вистината за Република Српска.
Во објава на социјалните мрежи, Додик му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите соработници за „исправката на големата неправда нанесена врз Република Српска, нејзините претставници и нивните семејства“, која, како што наведува, „ја создадоа администрациите на Обама и Бајден“.
„Одлуката за укинување на санкциите не е само правна, туку и морална рехабилитација на вистината за Република Српска и сите оние кои чесно ѝ служат. Уште еднаш се покажа дека сè што беше кажано против нас беше лага и пропаганда, врз која беше изграден големиот хаос што го создаде Кристијан Шмит – хаос што сега мора да се исчисти“, рече Додик.
Тој додаде дека може да им прости сè на оние кои се фалеле и верувале во туѓите лаги во изминатите години, „освен годините што ги изгубиле затоа што верувале дека Република Српска ќе падне“. „Денес е јасно – таа никогаш нема да падне“, рече Додик.
Фото: ЕПА
Регион
САД ги укинаа санкциите за Додик
САД одлучија да ги укинат санкциите за неколку лица од Република Српска, што е поврзано со неофицијален договор меѓу Милорад Додик и новата американска администрација.
Санкциите беа укинати за Милорад Додик, Жељка Цвијановиќ, семејството Додик, нивните компании и многу други блиски соработници.
Во петок, 17 октомври, САД ги укинаа санкциите за четворица блиски соработници на Додик, кои првично беа ставени на црната листа за организирање и промовирање на неуставниот „Ден на РС“. Тие се Јелена Пајиќ Баштинац, Данијела Драгичевиќ, Горан Раковиќ и Дијана Миланковиќ.
Неофицијални извори тврдат дека укинувањето на санкциите е резултат на договор меѓу САД и Додик, според кој Додик морал да ја напушти функцијата претседател на РС по конечната пресуда и да назначи вршител на должноста претседател.
Откако Ана Тришиќ-Бабиќ беше избрана за вршител на должноста претседател на Република Српска, со што се исполни тој дел од договорот, Америка постепено ги укинува санкциите за другите соработници на Додик, а тој процес треба да биде завршен до крајот на овој месец.

