Регион
Хоџај: Во Македонија, Хрватска и Црна Гора зборував за „пакт против Србија“
Косовскиот вицепремиер, Енвер Хоџај за хрватски „Вечерњи лист“ изјави дека во Македонија, Хрватска и Црна Гора разговарал за формирањње на „пакт против Србија“, пренесуваат тамошните медиуми.
„Србија ја продолжува агресивната кампања против Косово на меѓународен план. Таа исто така го минира и процесот на нормализација. За да ги заштити нашите интереси Владата на Косово одлучи да ги зголеми царините. Новите мерки наскоро ќе бидат објавени“, изјави Хоџај.
Според него Србија не сака само дестабилизација на Косово, туку и на целиот регион. Тој исто така изјави дека верува дека „идејата за голема Србија се уште не е умрена и дека се уште е во воздух“.
„Европската унија и САД мораат да сфатат во која насока оди Балканот и каков ќе биде за десет години. Особено Босна и Херцеговина, Косово и Македонија. Ако ЕУ и Западот не ја сфаќаат опасноста на српската политика во тој дел на Балканот и ништо не преземаат околу забрзување на процесот на евроинтеграција на тие земји, никој не знае што ќе се случи со Косово, Македонија, а најмногу со Босна и Херцеговина“, додаде Хоџај.
Хоџај во своето интервју трди дека „кога Вучиќ зборува за северно Косово, тој мисли на Република Српска“.
По неговата изјава претседателот на Косово, Хашим Тачи, пак, изјави дека еден сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, по долгодишниот конфликт би ја затворил Пандорината кутија на Балканот и оцени дека двете страни се подготвени и сакаат да се дојде до договор.
Тој за време на разговорите во Атлантскиот совет во Вашингтон, изјави дека сегашниот момент е преседан за регионот и, како што рече, две суверени земји сакаат договор со кој се бара компромис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Регион
Не ги навредив Бугарите, туку ја критикував нашата влада, објасни хрватскиот претседател по изјавата на која реагираше Софија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека со изјавата дека Хрватска е „на дното на ЕУ по повлекувањето на европските пари, а само Бугарија е полоша“, не ги навредил Бугарите, туку ја исмејува хрватската влада која прави „будали и социјални случаи“ од нејзините граѓани.
Милановиќ претходно рече дека „Хрватска е дното на Европската унија и дека само Бугарија е полоша“, па секој ден се молат на Бога, Бугарија да остане последна и ништо да не и се случи, бидејќи во спротивно би била Хрватска“. По изјавата, според хрватските медиуми, Бугарите ја повикале хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац и изразиле незадоволство, пренесува порталот „Индекс“.
Бугарското Министерство за надворешни работи на хрватскиот амбасадор му пренело „длабоко разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, каде што истакнале „дека изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи меѓу Хрватска и Бугарија“.
Тие истакнаа и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.
„Не ги навредив Бугарите, туку исмевав некои елементи на хрватската влада кои не’ прават будали и социјален случај“, рече шефот на хрватската држава и додаде дека претходно ја критикувал земјата на тема повлекување европски пари.
„Дали можеме да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур последен да подигне пари? Дали тоа звучи подобро? Но, Сингапур не е европска земја. Значи некој мора да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа досега го кажал десет пати.
„Тоа е потсмев, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои не прават социјален случај, кои не можат да земат доволно европски средства, па затоа сме претпоследни. Нормално, гледаш кој е последен. Бугарија е последна, секогаш е последна (…) Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ.
„И тоа е факт за кој зборував десет пати. Алелуја (…) Тоа се факти за кои мора да се разговара во политиката бидејќи се многу релевантни податоци. Зошто Хрватска е претпоследна? Зошто не е петата одоздола, или петта одозгора. Зошто не е? Веројатно некој е одговорен за тоа“, додаде тој.
На крајот, како што додаде, никој не се моли Бугарија да пропадне, туку дека неговата изјава е верзија на американската шега за сојузната држава Арканзас, која „се моли на Бога Мисисипи, кој е најсиромашниот, да биде здрав и добро“, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас.
„За да го знаете тоа, треба да прочитате нешто во животот, а не да се занимавате со селски скандали“, рече Милановиќ.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.