Регион
Хрватски научник: Коронавирусот е ослабнат
Ги имаме речиси сите индикации дека постојната варијанта на коронавирусот е послаба, вели хрватскиот доктор и научник Драган Приморац, член на Владиниот научен совет за борба со пандемијата на коронавирус.
Тој во гостување на ХТВ посочи дека денес знаеме многу повеќе за вирусот и сме многу посигурни како да се однесуваме.
„Според бројните показатели, се разбира, лекарите секогаш се претпазливи бидејќи не сакаат популацијата да се опушти, ги имаме речиси сите индикации дека постојната варијанта на вирусот е послаба и дека значително помалку луѓе развиваат посериозни компликации отколку во февруари“, рече Приморац во емисијата на „Добро утро Хрватска“.
Тој додаде дека состојбата е приближно таква на сите континенти. „Бројот на пациенти на респиратори во земјите што ги набљудувам е драстично намален“, додаде тој.
Приморац рече дека вакцината што ја развила „Модерна“ е во втора клиничка фаза која завршува многу добро и дека покажала дека кај голем број испитаници нивото на антитела е речиси идентично или повисоко од нивото на антитела развиени од луѓе кои преку природен контакт се заразиле со Ковид-19. „Тоа е феноменална вест“, кажа тој.
Сепак, додаде Приморац, треба бидеме претпазливи затоа што во 2012 година беше развиена вакцина за САРС и животните на кои беа извршени експериментите покажаа екстремно висок развој на антитела, но сепак починаа поради оштетување на белите дробови и црниот дроб.
Приморац, исто така, рече дека мора да бидеме одговорни и оптимисти затоа што човечкото тело има огромна сила што не смееме да ја негираме.
Драган Приморац (1965), хрватски доктор и универзитетски професор, е експерт за судска генетика. Тој во моментов е претседател на Комитетот за меѓународни односи на Американската академија за форензички науки и е претседател на Меѓународното здружение за применета биолошка наука (ИСАБС). Тој е претседател на хрватското друштво за човечка генетика, хрватското здружение за персонализирана медицина, хрватскиот кластер за конкурентност за персонализирана медицина и на Управниот одбор на Специјалната болница Св. Катарина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

