Регион
Црна Гора ги заострува мерките – се забранува работата на дискотеките и ноќните клубови

Во согласност со претходните најави на црногорското Министерство за здравство, кое упорно повикуваше на почитување на пропишаните мерки и предупредувања, со напомена дека тие ќе бидат променети во случај на непочитување, од денес во сила ќе стапат нови рестрикции, кои се најавени како привремени, објави „Вјести“ од Подгорица.
Од петок, 23 јули, до понеделник, 2 август, привремено се забранува работата на ноќните клубови и дискотеки и на отворено и на затворено.
Забранети се забавите и музичките фестивали, како и сите масовни собири во затворени простории.
„Вјести“ дознава дека од 2 август престојот во внатрешноста на угостителските објекти нема да биде можен безусловно.
Во фокусот на Дирекцијата за инспекциски работи ќе биде контролата на собирите на отворено и живата музика во летните градини на рестораните. Доколку продолжи трендот на прекршување на мерките, ќе се разгледа укинување на дозволите или дополнително ограничување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Планинар паднал во провалија во Словенија и починал

Во неделата при искачување на планина, 43-годишен хрватски планинар се лизнал и паднал во провалија. Поради тешките повреди тој починал на местото на несреќата.
Полициската управа Крањ соопшти дека во неделата околу 12 часот добиле пријава за несреќата.
Неколку планинари се искачиле на снежната планинска патека. Пешачејќи, 43-годишниот хрватски планинар се лизнал на висина од околу 1.900 метри, а потоа паднал во длабочините. И покрај соодветната опрема тој се здобил со тешки телесни повреди и починал на местото на настанот.
Спасувачите од Регионалната управа за катастрофи и вонредни ситуации (ГРД) Крањ и дежурната екипа на Здружението за спасување на планина на Словенија (ГРЗС) пристигнаа на местото на несреќата со полициски хеликоптер, кој потоа го пренесе телото на планинарот во долината.
Полицискиот службеник од полициската единица Планина изврши увид и продолжува со собирање информации за сите околности на несреќата. Сите досегашни сознанија укажуваат на трагична планинска несреќа. Полицијата за сите информации ќе го извести надлежното државно правобранителство, соопштија од полициската управа Крањ.
Регион
Татко во Србија возел со голема брзина и излетал од патот, загина бебе

Тримесечно бебе загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи во саботата на патот Зрењанин – Лазарево во Србија.
Несреќата се случила околу 14.15 часот кога автомобил со шест лица, меѓу кои и две бебиња, излетал од патот во нива.
Според информациите од истрагата, до несреќата најверојатно дошло кога возачот на автомобилот, таткото на загинатото бебе, кој има само пробна возачка дозвола, се обидел да го заобиколи возилото пред себе по што изгубил контрола над автомобилот и излетал од патот во блиската нива.
Неофицијални извори тврдат дека возачот во моментот на несреќата возел со брзина од околу 140 km/h, што е значително над дозволената брзина на тој дел од патот.
„При превртувањето, кое се случи повеќепати, од возилото испаднаа жени, кои седеа на задното седиште со бебиња во рацете“, изјави извор близок до истрагата, пренесува „Блиц“.
На фотографиите од местото на несреќата објавени од страна на „Инстаграм 192_rs“ се гледа целосно уништено возило.
Според последните информации, полицијата го привела возачот Ј. К., татко на починатото бебе, кој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа.
Регион
(Видео) Илјадници учесници на масовниот протест во Ниш

Илјадници учесници на масовниот протест „Студентски едикт“ синоќа во 23 часот и 52 минути молчеа на централниот плоштад во Ниш, оддавајќи им почит со 15-минутно молчење на 15-те лица кои загинаа при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Студентите и граѓаните стоеја во тишина, со вклучени батериски ламби на мобилните телефони, до седум минути по полноќ, на петтиот масовен митинг што се одржа во Србија во бранот повеќемесечни протести предизвикани од трагедијата во Нови Сад.
Со ова и формално заврши протестот кој започна во саботата во 9 часот, предводен од студенти од сите четири универзитетски центри во Србија. Студентите најавија дека до три часот наутро ќе го чистат плоштадот и околните улици каде се одржува митингот, а на ова им се придружија и жителите на Ниш.
Жителите на Ниш во петокот вечерта со овации ги пречекаа илјадниците студенти од десетици српски градови, кои пристигнаа на собирот по неколкудневно пешачење, возење велосипед и штафетен маратон. Десетици илјади луѓе се собраа на 18-часовниот митинг, а главната протестна програма во саботата вечерта го вклучи и прогласувањето на „Студентски едикт“.
Протестот беше организиран на денот кога се одбележаа четири месеци од уривањето на настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, кога на 1 ноември загинаа 15 лица, главно млади луѓе, а уште двајца беа повредени со трајни последици.
Оттогаш, студентите и граѓаните бараат одговорност и правда за жртвите на плоштадите и улиците низ Србија, додека владата на протестите гледа како на „обоена револуција“. Студентите го најавија следниот голем протест за 15 март во Белград и ги поканија сите нивни колеги и граѓани на Србија да им се придружат.
Protest "Studentski edikt" snimljen dronom. pic.twitter.com/l1c1Djpmhp
— TV N1 Beograd (@n1srbija) March 1, 2025