Регион
Црна Гора 28 дена без нови случаи, исполнети се условите за крај на епидемијата

Во Црна Гора се исполнети условите за прогласување крај на епидемијата на коронавирус, изјавил Сенад Бегиќ, помошник-директор на Институтот за јавно здравје.
Тој појаснил дека Црна Гора помина два периоди на инкубација од 28 дена без нови случаи на коронавирус.
„Стекнати се епидемиолошките услови за ИЈЗ да размислува за прогласување крај на епидемијата. Тоа е законски дефинирана постапка која вели дека епидемијата може да заврши кога ќе помине периодот на двојна инкубација. Периодот не е дефиниран со закон. Тој е повеќе дефиниран со некои епидемиолошки правила. Две инкубации без нови случаи и навистина се исполнети условите за да се одјави епидемијата“, рекол Бегиќ во утринската програма на РТЦГ.
Тој додал дека правно-формално ова на терен не менува многу затоа што ризикот од вирусот сè уште останува.
„Одјавата на епидемијата не значи речиси ништо. Првиот бран е формално завршен, но мерките и наредбите на Министерството и препораките на ИЈЗ сè уште остануваат на сила. Тоа се физичко растојание, миење на рацете и употреба на маски. Во сите земји на ЕУ носењето маски е задолжително како и кај нас нас, затоа, на затворени места, на јавни места каде не може да се одржи физичко растојание од два метра задолжително е носење маска. Дали ќе остане така, зависи од понатамошниот тек на болеста“, рекол Бегиќ.
Од земјите од регионот, Словенија е првата земја која прогласи крај на епидемијата. Во Хрватска, пак, во последните 10 дена се регистрирани само три нови случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.
Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.