Регион
Шведска бара екстрадиција на убиецот на водачот на шведскиот картел ликвидиран во Сараево
Судството на Босна и Херцеговина добило од шведскиот Интерпол барање за екстрадиција на убиецот на шефот на наркокартелот од Шведска, Харис Остердал, пишува „Аваз“.
Остердал беше убиен во ноември минатата година во сараевската населба Ступ од страна на Маџид Овеит, државјанин на Шведска. Тој и уште двајца Швеѓани се уапсени по убиството. На ликвидацијата на Остердал во Сараево ѝ претходеа низа насилства и вооружени конфронтации во Шведска, но и во Турција.
Во судот на Босна и Херцеговина за утре е закажано рочиште за екстрадициската постапка против Маџид Овеит, пишува „Аваз“, на кое ќе биде разгледано барањето.
Маџид Овеит е во притворското одделение на Казнено-поправниот дом „Зеница“ од ноември, како и двајца други шведски државјани, Херберт Оливер Петер, и Конард Тајлус. Сите тројца се осомничени за убиството на Остердал.
Денеска ќе се разговара и за продолжување на притворот за тројцата шведски државјани.
Бранот насилства почна по пукањето во истанбулскиот кварт Маслак на 6 септември 2023 година. Двајца непознати вооружени мажи на мотоцикли отворија оган врз група луѓе, кои седеа во кафуле, а тие возвратија. Напаѓачите успеале да побегнат. По пукањето, групата од кафулето влегла во комбе и го напуштила просторот. Утврдено е дека комбето е регистрирано на шведски државјанин идентификуван како И. А. (33).
По ова, полицијата ги уапсила возачот на комбе К. К. (47) и шведските државјани Ричард Ичо Маркус (23), Мевлудин Мехоњиќ (31), Елвира Мутиќ (22) и Салах ал-Зубеиди (24) од Норкопинг, како и Харис Остердал (30), пишува „Клих.ба“.
Според шведските медиуми, Остердал и претходно бил осуден за тешки кривични дела поврзани со дрога и оружје. „Тој веќе неколку години е добро позната личност во светот на стокхолмските банди“, пишуваат шведските новинари, кои го поврзуваат со голем конфликт во криминалната мрежа „Фокстрот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

