Регион
Јанша: Проблемите на границите на Западен Балкан ќе исчезнат со влегувањето во ЕУ
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, денес изјави дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е стратешки одговор на многу тековни предизвици во Европа и дека фокусот мора да биде ставен на тој регион.
Во Европскиот парламент во Брисел, Јанша оцени дека проблемите што се отвораат во врска со прашањето на границите на Западен Балкан ќе бидат решени со влегувањето на регионот во ЕУ.
„Ако им дозволиме заедно да станат членки на ЕУ, овие проблеми ќе исчезнат. Тоа беше решението за Словенија, а ќе биде и за другите соседни земји“, рече Јанша.
Презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година, Јанша рече дека поради многу кризи во последните неколку години, проширувањето е турнато на крајот од редот.
„Ако прашањето за проширување беше повеќе на стратешката агенда, ЕУ сега ќе беше во подобра позиција“, рече Јанша.
Јанша оцени дека во последните години ЕУ се прошири на земји што не ги делат задолжително сите вредности на ЕУ.
Тој го најави самитот ЕУ – Западен Балкан на 6 октомври, што ќе го организира Словенија и на кој ќе учествуваат шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан.
„Имаме намера да го продолжиме овој процес. Во последните години се направени некои позитивни чекори, но тоа не е доволно“, рече Јанша.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

