Регион
„Њујорк тајмс“: Словенечкиот премиер ја следи тактиката на Трамп
Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја од 1 јули ќе претседава со ЕУ, следи тактика што медиумите ја пишуваат дека ја користел поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Тоа првенствено се однесува на употребата на „Твитер“ како политичка алатка и критика на медиумите, објави „Њујорк тајмс“.
Тие групи сега внимателно слушаат и бараат знаци што да очекуваат од Јанша, чии ставови се тесно поврзани со нелибералните влади во Унгарија и Полска. Двете земји се обвинети за поткопување на критичките медиуми и за промовирање какви било теории на заговор, наведува американскиот весник.
Аналитичарите проценуваат дека Словенија, која ќе претседава со ЕУ до крајот на декември, нема да се занимава со вложување напори да ги натера лидерите, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, да ги почитува слободата на медиумите и другите принципи.
„Њујорк тајмс“ потсети и на критиките на Јанша испратени преку „Твитер“ откако Советот на Европа објави извештај во кој се осудува „токсичното и непријателско опкружување“ за словенечките новинари и „зачудувачкото влошување на слободата на медиумите“.
Јанша тогаш го етикетира извештајот на „Твитер“ како лажни вести, термин што често го користи Трамп.
Американскиот весник наведува дека Јанша, како и Трамп, го користи „Твитер“ како политичка алатка, па затоа критичарите го нарекуваат Маршал Твито како алузија на маршалот Јосип Броз Тито, кого весникот го опиша како „долгогодишен диктатор на Југославија“.
„Њујорк тајмс“ потсети и дека Јанша застана на страната на Трамп кога социјалните мрежи ги укинаа профилите на поранешниот американски претседател. Така, веднаш по претседателските избори во САД, словенечкиот премиер изјави дека е јасно оти Америка го избрала Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

