Регион
Ќучук: Не се согласувам дека историјата е турната некаде под килим, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија
„Историјата е составен дел на преговарачиот процес, таа не е турната под килим, напротив – заедничката историска комисија треба да го исполни со содржина нејзиниот мандат“.
Ова меѓудругото во интервју за бугарското радио „Фокус“ го изјави Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент.
На прашање зошто Илинденското востание не се одбележа заеднички, како национален празник на двата народа тој вели:
„Не ја пречкртавме, бидејќи историјата е составен дел на преговарачиот процес и не се согласувам дека е турната некаде под килим. Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат ѝ е даден на соодветната историска комисија, и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на заемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото и да бидат побарани нови допирни точки кои треба да стапат во иднината. Тоа e неизбежно поврзано со членството на Северна Македонијa во ЕУ. Таму можат да најдат место и Бугарија, и Северна Македонија, и тоа не му противречи на националниот интерес на Бугарија – напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат“ – вели Ќучук.
Отсуството на заедничко чествување Ќучук го припишува на нестабилната политичка ситуација.
„Ќе видиме како ќе биде догодина. Но со сигурност, секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи, ако тие имаат природно разбирање да врват кон иднината, а не кон национализмот, кон градење допoлнителни ѕидови” – рече тој.
Според него, потребна е оценка каде сака да оди македонското општество.
„Сега е дојдено времето да се врати довербата, откако се формализираа односите и тоа праведно, со договор кој треба да ги зацврсти односите меѓу двете земји, со посебен протокол, треба да бидат направени сите напори од бугарска и македонска страна за да проработат механизмите што се запишани, а не да останат лист хартија без да бидат реално исполнети. И да оставиме спокојно, во рамките на легитимниот мандат историската комисија да бара различни формулации, ако е неопходно – и со дејство на други нивни колеги, доколку тоа го помага процесот. Така што, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија? Знам дека има луѓе кои сакаат да ја извлечат, и политичари кои имаат визија да ја извлечат на правилниот пат, да ја водат, има и такви кои сакаат да ја влечат во обратна насока. Тоа треба да го реши самата македонска елита“ – вели Ќучук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.