Регион
Џукановиќ: СПЦ со своите активности го прави итно прашањето за црквата
Црногорскиот претседател Мило Џукановиќ изјави дека прашањето за црквата сега реално е на дневен ред, бидејќи станува збор за важен проблем за државниот, националниот, културниот и верскиот идентитет на Црна Гора.
„Работата на Српската православна црква во однос на Црна Гора исто така го прави итно ова прашање“, додал тој.
„Како што можеме да видиме, од највисоките кругови на СПЦ имаме навредлив однос кон Црна Гора како држава и однос кој преку активностите на филијалата на СПЦ во Црна Гора настојува да ги поништи сите вредности на модерна Црна Гора.
Ние мора, според јазикот на историските факти и логика, втемелен во канонско право и водени од нашите интереси, да градиме општество со целосни слободи, вклучително и религиозни, да обезбедиме секој граѓанин да може да ги оствари своите верски права во црквата во која сака, а не во некоја што некој ја пропишува како монопол“, изјави Џукановиќ за новинарите во Подгорица, а пренесе агенцијата „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.
Регион
Грчките земјоделци на протести поради стопираните субвенции од ЕУ
Грчките земјоделци одржуваат протестни демонстрации низ целата земја. Нивните барања се за продолжување на исплатата на субвенции и помош.
Грчките земјоделци ја обвинуваат владата дека намерно ги прикрива оние што ги украле европските субвенции. Министерството за аграрен развој ги суспендираше сите исплати на земјоделците додека не заврши истрагата за украдените субвенции од ЕУ. Обвинителството веќе поднесе обвиненија против над сто лица кои добиле субвенции од ЕУ со лажни документи.
Стотици земјоделци од целата земја протестираат со трактори пред Министерството за аграрен развој. Главната иницијатива е од сточарите од островот Крит, кои пристигнаа специјално за демонстрациите во грчката престолнина. Во Александрополис, тие го блокираа аеродромот за да го спречат премиерот Мицотакис да го посети регионот. Во Солун, десетици трактори го запреа сообраќајот на патот кон Халкидики. Друга голема група е пред Министерството за Северна Грција. Во Лариса, сообраќајот на автопатот е исто така блокиран.
Денешните протести се само предупредување, велат земјоделците. Земјоделскиот сектор покажува подготвеност за активни протестни акции. Пратениците од опозицијата и лидерите на партиите се придружија на демонстрациите во Атина.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави „Екатимерини“.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината вода што падна на островот како невидена.
Одлуката за затворање сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна процена на штетите на патот.
Фото: принтскрин

