Регион
Aдвокатите по сведочењето на малолетниот убиец: од „Рибникар“: едно од најстресните рочишта во кариерата
Во Специјалниот суд заврши денешното рочиште од кривичната постапка против Милјана и Владимир Кецмановиќ, мајката и таткото на момчето, кое на 3 мај минатата година го изврши стравотниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“. Продолжението на сведочењето на малолетниот убиец е закажано за 17 октомври, пренесуваат медиумите во соседството.
Дека денеска сведочеше малолетниот убиец, потврдија адвокатите, кои ја напуштија зградата на Специјалниот суд. Сепак, тие не сакаа да ги откријат деталите од неговата изјава.
„Преку прашањата што му беа поставени денеска не го дознавме мотивот и зошто тоа се случило, но мислам дека неговата денешна изјава оди во насока оти ќе се дознае. Неговото рочиште не е завршено и ќе продолжи на 17 октомври во истата зграда“, рече Огњен Божовиќ и додаде дека не смее да каже ништо повеќе со оглед на тоа што постапката е затворена за јавноста.
Адвокатката Зора Добричанин-Никодијевиќ по судењето изјави дека е задоволна од денешното рочиште и од сето она што денеска го дознале при сведочењето на момчето убиец.
„За време на сведочењето дознавме многу нови детали, но за тоа не можам и не сакам да зборувам“, изјави Зора Добричанин Никодијевиќ.
Ирина Боровиќ, која заедно со својот татко Боривој Боровиќ ги застапуваа Милјана и Владимир Кецмановиќ, по рочиштето изјави дека јавноста најмногу ја интересираат причините поради кои се случил овој трагично неразбирлив настан.
„Во оваа кривична постапка, ниту во која било друга постапка што се води во овој момент, ниту во оваа судница, ниту на кое било друго место, ние нема да ја дознаеме причината за овој трагичен настан. Сите причини се длабоко некаде во душата на тоа момче, кое, за жал, извршило злосторство, а пред тоа живеело сосема нормален и обичен живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Ирина Боровиќ.
Судењето беше затворено за јавноста, а ова беше првпат малолетниот убиец да ја напушта специјализираната детска установа во која се наоѓа од 3 мај минатата година. Тој денеска околу 9 часот со болничко возило на брзата помош во придружба на полиција бил донесен во судот.
Тој не одговара кривично за делото што го сторил на 3 мај минатата година бидејќи во моментот на делото имал 13 години.
Медиумите потстеуваат дека татко му Владимир Кецмановиќ е обвинет дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност, со оглед на тоа што детето 13 години го носел на стрелиште и го учел да пука, оружјето не го чувал соодветно, а го имал во својот дом.
Мајката на момчето се товари за кривично дело недозволено држење, носење и тргување со оружје имајќи предвид дека нејзината ДНК-трага е пронајдена на еден од патроните во училишната училница, како и на лентата за коса со која било врзано шишето во кое нејзиниот син го правел „молотовиот коктел“, се наведува во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

