Регион
Aдвокатка од Србија се обиде да го отруе и да го заколе клиентот

Aдвокатката Лидија Опачиќ (39) од Суботица беше уапсена кога вчера се обиде да го отруе, а потоа и да го заколе клиентот во својата канцеларија.
Опачиќ се обидела да го убие Дарко Г. (34) во просториите на својата адвокатска канцеларија во зградата на плоштадот посветен на царот Јован Ненад во центарот на Суботица, така што му зарила нож во вратот.
Пред да го нападне со нож, таа се обидела да го отруе така што во ракијата му издробила лекови за притисок. Но, бидејќи тоа не дејствувало, таа го нападнала со нож.
По нападот, Дарко, целиот крвав, избегал од канцеларијата и дошол во болница. Адвокатката набргу потоа беше уапсена. Повредениот е задржан во болница, а полицијата настанот го третира како обид за убиство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грчки научници: Земјотресите во близина на Санторини во постепено опаѓање

Научниците од Универзитетот во Атина кои ги следат земјотресите во близина на островот Санторини денеска објавија дека феноменот „постепено опаѓа“ речиси еден месец по почетокот на повеќекратните земјотреси.
Потресите, понекогаш регистрирани со само неколку минути, поттикнаа илјадници жители да ги напуштат градовите на Санторини, како и блиските острови Иос, Аморгос и Анафи, објави АП.
Училиштата на тие острови се затворени веќе четврта недела, а во сила се многу други ограничувања. Научниците сепак изјавија дека се охрабрени од најновите случувања.
„Сеизмичката активност продолжува да покажува постепен пад, како во однос на дневниот број на регистрирани земјотреси, така и во однос на максималните магнитуди“, соопшти Интердисциплинарниот комитет за управување со ризици и кризи при Универзитетот во Атина.
Активноста останува концентрирана во истата фокусна област без забележани нови микросеизмички скокови од 15 февруари, се вели во соопштението.
Комитетот објави дека меѓу 26 јануари и 22 февруари биле регистрирани повеќе од 20.000 земјотреси со јачина од еден или повеќе степени според Рихтеровата скала.
Повеќекратните земјотреси, кои се припишуваат на природните тектонски процеси, како и на движењето на магмата под морското дно, достигнаа јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, но предизвикаа само мала материјална штета, пренесува Танјуг.
Градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос, денеска изјави дека неколку илјади луѓе се вратиле на островот од крајот на минатата недела и ги повика властите да обезбедат поголема помош за справување со ризиците, вклучително и контрола на паѓањето на карпите и поставување и поправка на огради од ридот.
Регион
Вучевиќ: Акцијата во Ниш покажа дека нема заштитени лица

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ вели дека е добро за Ниш и за сите жители на Ниш што е спроведена голема антикорупциска акција и дека се видело дека нема заштитени лица.
На прашањето за апсењето на уште тринаесет лица во Ниш, Вучевиќ им рече на новинарите во Заечар дека останува да се види како обвинителството ќе го квалификува случајот, односно дали се работи за организирана криминална група или дали се работи за поединци или помали групи осомничени за сторени кривични дела.
„Неспорно е дека беше голема акција во Ниш, не знам дека сме имале акција од таков обем и гледате дека нема заштитени лица. Ќе ви кажам како претседател на партијата, не ми е удобно Драгана Сотировска да биде член на претседателството на партијата, Горан Весиќ да биде член на претседателството на партијата, Јелена Танасковиќ да биде член на претседателството на партијата. Не партиски, туку членови на претседателството на партијата. Двајца од нив се обвинети, па се чека да се види дали ќе стапи на сила обвинението за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Ја имате поранешната градоначалничка на Ниш која е под истрага, односно е приведена“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека судот ќе утврди дали некој е виновен или не, односно одговорен за она за што го обвинува обвинителството.
Одговарајќи на прашањето дали актуелниот општествен контекст на некој начин влијаел на брзината на работа, пред се на вишото обвинителство во Ниш, а потоа и на другите правосудни органи, тој рече дека атмосферата во општеството секогаш создава одредени процеси, но дека не смета дека тоа е пресудно во овој случај и посочи дека тоа се постапки кои се подготвувале долго време.
„Тоа се прекршоци кои се подготвуваат подолго време, односно станува збор за обвинителски истраги. Не може некој да организира пар состаноци, протести, па вие набрзина правите се. Очигледно обвинителството долго време ги подготвуваше своите активности“, рече Вучевиќ.
Премиерот вели дека претходно се најавуваше засилена борба против корупцијата, но тоа не треба и нема да го одвлече вниманието од трагедијата што се случи во Нови Сад. Како што истакна, оваа тема е сè уште во фокусот, пред се во однос на обвинението и тоа што Обвинителството за организиран криминал ја презело истрагата за можни коруптивни дејствија околу изградбата на пругата Белград – Нови Сад – Суботица.
– Не само за станицата во Нови Сад, туку за целиот инфраструктурен проект. Тоа се болни, но лековити работи. Лековити работи за сите, пред се за целото општество, добри работи за државата, тешки работи, не секогаш пријатни, но неопходни – заклучи Вучевиќ.
Регион
(Фото) Пукал во полицајци кај Мостар, фрлил бомба, па им го украл автомобилот и го удрил: филмска потера во БиХ

Во неделата вечерта полицијата во близина на Мостар уапси маж по филмска потера, во која осомничениот нападнал полициска патрола и ѝ го украл возилото, кое подоцна го удрил.
Четириесет и петгодишен маж бил сопрен од полициска патрола во Невесиње во источна Херцеговина по што пукал во неа и фрлил бомба, која не експлодирала.
Потоа украл полициско возило и се упатил кон Мостар. Полицијата од Невесиње побарала помош од колегите од Мостар, кои, според соопштението на полицијата, почнале да го бркаат по 22.30 часот. Тие набргу го пронашле полициското возило, кое излетало од пат кај Мостар.
Полицајците го уапсиле бегалецот на местото на несреќата и го префрлиле на лекување на Ургентниот центар во Мостар. Кога лекарите констатирале дека не добил повреди за кои е потребна хоспитализација, тој им е предаден на службениците во Полициската станица Невесиње.