Регион
Албанците ги спречија Србите да одат на празникот на црква, интервенира полицијата
На Косово од неделата утрото расте напнатоста откако локални Албанци во местото Мушутиште со протест спречија група косовски Срби да присуствуваат на процесијата во локалната православна црква на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, а медиумите јавуваат за судири меѓу демонстрантите и косовската полиција.
Извикувајќи го акронимот на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК), Албанците ги спречиле Србите повратници кои со три автобуса тргнале на одбележувањето на празникот во инаку урнатата од Албанците православна црква „Богородица Одигитрија“ од XVIII во Мушутиште.
Косовската полиција, како што јавуваат белградските медиуми, од безбедносни причини ги запрела автобусите и започнала да ги спроведува демонстрантите кои извикуваат пароли против враќањето на прогонетите и раселени Срби од поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија.
Учесниците на протестот од утрото повеќепати го пробиле полицискиот кордон, а во текот на судирите повредени се повеќе демонстранти и полицајци опремени за разбивање демонстрации. Според извештаите од Косово, демонстрантите го деблокирале преминот, но се распоредиле крај патот, подготвувајќи купишта камења со кои ја гаѓаат полицијата.
Министерот за заедници и враќање во косовската влада Далибор Јефтиќ најави неодамна обновување на првите десет куќи за Србите повратници во Мушутиште кои во 1999 година по српско-албанските судири и бомбардирање на НАТО врз Србија беа принудени да ги напуштат своите домови.
Јефтиќ, кој во неделата е заедно со групата Срби блокирани пред Мушутиште, вели дека со протестот и насилството „им е испратена пораката на Србите дека не се добредојдени“ на своите имоти.
Директорот на Бирото за Косово и Метохија во владата на Србија, Марко Ѓуриќ, оцени дека „денешниот излив на екстремизам и нескриена омраза кон српскиот народ во Мушутиште сведочи колку безбедносната ситуација на Косово и Метохија е запалива“.
Ѓуриќ, како што пренесе Радио-телевизија Србија, изјавил дека„многубројни припадници на албанската политичка елите се најгласните идеолози на омразата и екстремизмот на Косово“.
Припадниците на специјалната косовска полицијата, по судирот од утрото со демонстрантите, ослободиле дел од патот и преминот кон црквата „Богородица Одигитрија“, каде треба да мине колоната со Србите, но според последните информации од теренот, ситуацијата и натаму е тензична./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

