Регион
Белград и Приштина постигнаа договор за правосудството
Делегациите на Белград и Приштина во среда во Брисел постигнаа договор за спроведување на Спогодбата за правосудство, соопшти Европската служба за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека Едита Тахири и Марко Ѓуриќ како главни преговарачи во рамки на дијалогот со посредство на ЕУ, се договориле за финализација на примената на договорот за правосудство, што беше постигнат на 9 февруари 2015 година.
ЕУ ги пофали обете страни заради постигнувањето на договорот и ги повика да го забрзаат напредокот во примената на сите преостанати договори, посебно за Заедницата на српски општини и енергетиката. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Петти ден се трага по тригодишното девојче кое во реката Сава во Загреб го внесе нејзината мајка
Поминаа пет дена во потрагата по тригодишното девојче, чија мајка во средата го внела во реката кај загрепскиот мост Јанкомир. На теренот имаше повеќе од сто луѓе со 45 возила, 15 чамци, 13 дронови и три кучиња трагачи. Се пребарува површина од 110 километри.
Антонио Станиќ, раководител на жупанискиот центар 112 во Загреб, рече дека реката Сава е малку пониска од последните денови, што ја олеснува нивната потрага.
„Не можам да проценам колку ќе трае потрагата. Областа што ја опфативме е околу 110 километри од мостот Јанкомир до вливот на реката Сава“, изјави синоќа Станиќ за ХРТ.
34-годишната мајка се бранела со молчење и и е изречена мерка притвор од еден месец.
Постои основано сомнение дека 34-годишната обвинета на 15.01.2025 година во попладневните часови во Загреб извршила кривично дело тешко убиство над своето малолетно дете.
Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.
Регион
(Видео) Хрватски вицепремиер пукаше со пиштол низ прозорец на автомобил, па поднесе оставка
Вицепремиерот и министер за земјоделство, шумарство и рибарство Јосип Дабро од десничарското Движење Татковина поднесе оставка поради видеото на кое тој пука со пиштол низ прозорец на автомобил во близина на населено место.
Хрватските медиуми јавуваат дека тој испукал девет истрели.
„Според она што може да се види на видеото, Дабро се вози на совозачкото седиште и е облечен лежерно, облечен во шорцеви и маичка, што навестува дека видеото е снимено во потоплите денови. Во позадина се слуша народна песна“, пренесе „Индекс.хр“.
Изгледа дека пукал во близина на населено место бидејќи низ прозорецот се гледаат уличните светла, а во еден момент се гледа и куќа. На снимката, Дабро најпрво го репетира пиштолот и вели: „Само за брат ми Марио“.
Потоа преку прозорецот испукува девет истрели од пиштол, а потоа пее. Кон крајот на снимката, Дабро го става пиштолот во просторот во близина на совозачкото седиште каде што седи и вели: „Поздрав, брат Марио, добра ноќ“.
„Тоа е истрел од пред неколку години, а јас пукав од пиштол со ќорци“. „Тоа беше некаква приватна прослава, можеби дури и раѓањето на синот на мојот брат“, се обиде да се оправда пред медиумите.
Сепак, според информациите од упатени извори, синоќа на разни затворени групи почнале да излегуваат повеќе снимки од Дабра, кој очигледно сакал да се снима додека пука, пишува „Јутарњи лист“.
Информациите за нови скандалозни снимки од пукотници на отворено стигнаа до врвот на владата, поради што премиерот Андреј Пленковиќ побара веднаш да поднесе оставка.
Еден од соговорниците на „Јутарњи лист“, кој е добро информиран за синоќешните случувања во Владата, вели дека објавените снимки биле правно, политички и морално неодбранливи, но дека снимката која јавноста се уште не ја видела е капката што ја прелила чашата.
Во текот на ноќта Дабро најави оставка и прес-конференција на Фејсбук.