Регион
Чавушоглу предупредува дека Западот „ќе ја загуби“ Турција
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави во средата дека Западот ризикува „да ја загуби“ Турција поради сопствените грешки, а не поради односите на Анкара со Москва или Пекинг, истовремено најавувајќи дека Турција гради „силен механизам“ со Русија за да се обиде да се изнајде решение за Сирија.
„Доколку Западот ја загуби Турција, за тоа воопшто нема да придонесат односите со Русија, Кина или со исламскиот свет. Поради своите грешки тој ќе ја загуби Турција“, предупредува шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу во интервјуто агенцијата Anadolu.
Нагласува дека поддршката за влегувањето на Турција во ЕУ се намалила меѓу граѓаните, поради тоа што Унијата се ставила на страната на оние кои го организирале неуспешниот државен удар од ноќта од 15-ти кон 16-ти јули.
„Европската унија прави многу сериозни грешки, вклучително и поддршката на оние кои учествуваа обидот за воен преврат“, додава Чавушоглу.
Претходно турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја нарече „нечесна“ позицијата на ЕУ којашто ја критикува Турција за вонредната состојба и начинот на кој се справува со пучистите заканувајќи се со прекин на пристапите преговори доколку Турција поради неуспешниот пуч ја врати на сила смртната казна.
Чавушоглу во продолжение најавува дека делегација којашто ги вклучува претставниците на министерствата за надворешни работи и за одбрана, како и функционери на разузнавачките служби подоцна во среда ќе отпатуваат на разговори во Русија.
Првиот турски дипломат истакнува дека приближувањето меѓу Турција и Русија кое беше означено во вторникот со средбата на претседателите Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган во Санкт Петербург, не е осмислено како порака за Западот.
Шефот на турската дипломатија вели дека Турција и Русија имаат слични ставови за неопходноста од прекинот на огнот во Сирија, доставувањето хуманитарна помош и политичкото решение на кризата.
Чавушоглу притоа ги повтори зборовите на рускиот претседател Владимир Путун дека Русија ќе го укине ембаргото на турските производи, како и дека, доколку биде потребно, ќе бидат потпишани дополнителни протоколи за да се осигури да продолжат работите околу гасоводот Турски тек./крај/мф/сн
Извор: Anadolu
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Три земји сè уште ја немаат признаено Хрватска
Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, изјави дека одбележувањето на Денот на меѓународно признавање на Хрватска и Денот на мирна реинтеграција на хрватскиот Дунавски регион на 15 јануари не е само сеќавање на минатото, туку и потсетник за одговорноста што ја имаме за сопствената иднина, слободата и демократијата.
„Особено е важно да се истакне ова во овие моменти на создавање нови геополитички односи“, рече Гордан Јандроковиќ, потсетувајќи дека на овој ден во 1992 година, сите 12 членки на тогашната Европска заедница ја признаа Република Хрватска како суверена и независна држава.
„Оваа јасна политичка порака го отвори патот за Хрватска да добие други важни признанија“, нагласи тој, обраќајќи се пред пратениците.
Тој, исто така, потсети на зборовите што ги изговори првиот хрватски претседател, д-р Фрањо Туѓман, во неговото обраќање до нацијата таа јануарска вечер во 1992 година. „Денес – 15 јануари 1992 година – ќе биде врежан со златни букви во целата четиринаесетвековна историја на хрватскиот народ на ова подрачје, свето за нас, помеѓу Мура, Драва, Дунав и Јадранот.“
„И нема сомнение дека ќе биде така“, рече Јандроковиќ, нагласувајќи дека ова меѓународно признание беше круна и кулминација на сите историски моменти, но и на храбрите, визионерски одлуки на тогашното државно раководство.
Три земји сè уште не ја признале Хрватска
Јандроковиќ, исто така, потсети дека пред 15 јануари 1992 година, Хрватска беше признаена од некои земји кои дури и самите не беа меѓународно признати: Словенија, Литванија, Латвија и Украина.
„Вреди да се потсетиме на ова особено, како и на фактот дека првата меѓународно призната земја што ја призна Хрватска беше Исланд, на 19 декември 1991 година“, истакна тој.
Три земји сè уште официјално не ја признале Хрватска, ниту пак воспоставиле дипломатски односи со Хрватска. Тоа се Бутан, Нигер и Тонга, објави Индекс.хр.
фото/Depositphotos
Регион
(Видео) Тешка несреќа во Словенија: Експлодираше цистерна, автопатот е затворен
Поради сериозна сообраќајна несреќа, Штаерскиот автопат во Словенија е затворен за сообраќај во двата правци во делот помеѓу Словенске Коњице и Словенска Бистрица југ.
Според неофицијални информации, во несреќата во која учествувале повеќе возила, експлодирала цистерна, објавува N1 Словенија.
Се наведува дека детонацијата наводно се слушнала во поголемиот дел од Словенска Бистрица. Се очекуваат официјални изјави од полицијата и пожарникарите.
Словенечкиот информативен центар за сообраќај им советува на возачите на патнички возила да се пренасочат кон регионалните патишта.
Регион
Дачиќ: Вонредна состојба во осум општини, по временските проблеми, ситуацијата се стабилизира
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес изјави дека вонредната состојба е на сила во осум општини и изјави дека ситуацијата во Србија е релативно нормализирана по временските проблеми, како и дека снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано.
Дачиќ изјави дека вонредната состојба е сè уште на сила во Ваљево, Осечина, Мали Зворник, Крупње, Мајданпек, Сјеница, Ивањица и на дел од територијата на општина Лучани, и најави дека во петок повторно ќе се одржи состанок на Републичкиот штаб за вонредни состојби, на кој ќе се дискутира моменталната метеоролошка и хидролошка состојба во земјата.
Кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија, Дачиќ изјави дека четири локални заедници се без електрична енергија во Мајданпек, дека 141 потрошувач немаат електрична енергија во Прибој, 325 во Ариље, 22 во Чајетина и 12 потрошувачи во Куршумлија.
„Ситуацијата овде, барем според овие податоци, е стабилизирана“, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Дачиќ рече дека Одделот за вонредни ситуации имал 133 интервенции од 4 јануари, во кои биле ангажирани 297 пожарникари-спасувачи со 142 возила, 25 пумпи и три чамци, и дека 42 лица се евакуирани.
„Теренот сè уште се посетува, ангажирани се пожарникари, припадници на полицијата каде што е потребно, како и армијата, Црвениот крст и цивилната заштита, и можам да кажам дека ситуацијата е релативно стабилизирана и нормализирана“, рече министерот.
Тој изјави дека Штабот за вонредни ситуации ќе се состанува еднаш неделно и додаде дека превенцијата е важна, со цел да се процени ситуацијата и да се извлечат поуки.
„Секогаш кога нешто ќе се случи, убаво го пребродуваме сето тоа и заклучуваме дека нешто не е во ред, но потоа имплементацијата на она што сме го научиле мора да почека до следната можност. Ова не треба да се повтори. Мислам дека сите министерства, јавни претпријатија, институции и деловни организации треба да ги разгледаат факторите на ризик во нивниот оддел и што треба да се направи за да се спречи ова да се повтори следната година“, рече Дачиќ.
Тој истакна дека проблемите со електричната енергија се главно предизвикани од паднати дрвја и дека е потребно да се разгледа како да се реши ова системски за да не се повтори вонредната ситуација.

