Регион
Ципрас сé уште мора да донесе одлука за предвремени избори
Грчкиот премиер Алексис Цирпас сé уште мора да ја донесе одлуката за распишување предвремени парламентарни избори, седум месеци откако дојде на власта, изјави во средата министер во неговата влада по поделбите во владејачката коалиција на радикалната левица Сириза околу новата трета програма за надворешна финансиска помош на Грција.
Министрите во кабинетот на Алексис Ципрас отворено зборуваат за можноста од гласање за доверба на владата во парламентот, што може да одведе до вонредни парламентарни избори, имајќи предвид дека премиерот мораше да се потпре двапати на гласањето на конзервативната опозиција за да добие одобрување, како минатиот петок, за новата програма за помош во износ од 86 милијарди евра.
Еврозоната вкупно во првата транша од програмата на Грција ќе ѝ додели 26 милијарди евра, пред во октомври да биде извршена проверката дали Атина ги спроведува новите договорени услови, како што се реформите на пензискиот и системот за социјална и здравствена заштита, поостри мерки за спречување на даночната евазија, зголемување на стапките на одредени даноци, приватизација на државната сопственост…
Меѓутоа, заменикот министер за култура Никос Ксидакис гои отфрли нагаѓањата дека Ципрас би можел да ги распише новите избори по истекот на рокот за исплата на долгот кон Европската централна банка (ЕЦБ) во четврток. Ксидакис верува дека тоа може да се случи за време на првата проверка за напредокот во остварувањето на програмата за помошта којашто доверителите ќе ја спроведат во октомври.
„Постојат две размислувања … избори пред или по првото разгледување на спроведувањето на програмата за помош. Тоа е одлука којашто ќе ја донесе премиерот“, рече Ксидакис во изјава за јавниот грчки сервис ERT.
Ципрас минатиот петок успеа да го мине прагот од 151 неопходен глас за поддршка на програмата за помош, меѓутоа благодарејќи на гласовите на опозициските партии. Бројот на пратениците од неговата коалиција кои го поддржаа договорот со меѓународните доверители, падна на 118, под прагот од 120 пратеници колку што е потребно за малцинска влада.
Владејачката коалиција на радикалната левица Сириза, инаку, брои 162 пратеници, но многумина од нив им се приклонија на министрите и замениците министри коишто поради противење на новата програма за помош, Цирпас ги отстрани од својот кабинет.
Опозициската конзервативна партија Нова демократија веќе најави дека во петок нема да гласа за доверба на владата на Ципрас./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ не открива дали ќе биде кандидат за премиер: „Не е време да се зборува за тоа“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека одлуката дали ќе биде кандидат за премиер треба да биде негова, како и одлука на народот кој, како што нагласи, сака промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос и промени какви што, според него, наметнуваат блокадерите.
Вучиќ ги замоли сопартијците да не зборуваат за тоа дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори и да не шпекулираат на таа тема.
„Не е ни време ни место. Прво, тоа мора да биде моја одлука – дали се чувствувам доволно способен и дали го сакам тоа, а потоа мора да биде одлука на народот. А народот сака промени, само не сака промени какви што му наметнуваат блокадерите, туку промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се знае дали тој ќе биде кандидат за премиер на парламентарните избори.
Вучиќ рече дека е тешко да не се посака промена на некој што, како што наведе, е 14 години на власт, и дека тука не мисли само на политичките неистомисленици, туку и на оние што го поддржуваат.
„Мене ми останува само да кажам колку грешев и колку работи пропуштив да направам. Секој ден се каам што понекогаш сум се опуштил и можеби не сум работел онолку колку што требаше за да постигнеме уште подобри резултати“, рече Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Тој оцени дека на следните избори ќе победи оној што ќе ги убеди граѓаните дека е способен истовремено да донесе и стабилност и промени.
„Што се однесува до премиерот, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност“, изјави Вучиќ.
Тој наведе дека има илјада забелешки на сопствена сметка, но дека се постигнати резултати кои денес се земаат здраво за готово и повеќе не се ценат затоа што луѓето се навикнале на нив.
Истакна дека за првпат во историјата Србија има стабилен курс на динарот, а дека поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, кој се споменува како име на студентско-блокадерската листа, го уништил динарот и му ја намалил вредноста за 50 отсто.
Вучиќ додаде дека денес Србија има и најниска стапка на јавен долг во однос на бруто-домашниот производ во модерната историја.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА
Регион
Орбан: Клинтон побара од Унгарија да ја нападне Србија во 1999 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во 1999 година, за време на неговиот прв мандат, поранешниот американски претседател Бил Клинтон побарал од Унгарија да ја нападне Србија по копно за да отвори втор фронт во екот на војната во Косово.
Орбан го изнесе ова тврдење за време на викендот на состанокот на Дигиталните граѓански кругови на Фидес во Сомбатели, пишува Телекс.
Според Орбан, Клинтон барал Унгарија да ја нападне Србија или „барем да пука во нив од Унгарија преку Војводина па сè до Белград“. Владата на Орбан, како што тврди тој, одбила, а на изричното барање на американскиот претседател одговориле со „Не, господине!“.
„Да имавме премиер тогаш кој знаеше само да каже ‘Да, господине’, ќе бевме во војна до грло“, заклучи Орбан.
Унгарскиот премиер вели дека потоа го прашал Клинтон што ќе се случи со 300.000 Унгарци што живеат во Војводина во тој случај. Тој тврди дека го предупредил и Клинтон дека на пукање од една локација се враќа со оган и го прашал: „Дали треба да дозволиме бомбардирање на Сегед, тоа е планот? Или на Ходмезовашархеј и Мако?“
Орбан рече дека се согласиле да разговараат за ова прашање лично на самитот на НАТО една недела подоцна, но тврди дека Американците никогаш повеќе не го покренале прашањето.
„Можно е да се каже ‘не’ кога имате храброст да го направите тоа“, им рече тој на присутните во Сомбатеј. Додаде дека за неколку години дипломатската историја ќе открие кои канали и информации биле користени за да се убеди американскиот претседател никогаш повеќе да не поднесе такво барање.

