Регион
Ердоган: ЕУ не го исполни ветувањето за финансиска помош за бегалците
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во понеделникот изјави дека Европската унија не го исполнила ветувањето според кој требаше да гарантира три милијарди евра за помош за мигранти, а ЕУ на критиката одговори дека таа изјава „не е точна и дека не помага“ во ова ситуација.
Бројката лица кои пристигнале од Турција до грчките брегови значително е намалена откако Анкара се согласи на тоа да ги спречува бегалците да испловат од турскиот брег, а за возврат земјите од ЕУ годинава се обврзаа да исплати сума од три милијарди евра со коишто на земјата би ѝ помогнало да ги подобри животните услови за околу три милиони сириски бегалци кои живеат на нејзина територија,
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во понеделникот, како и неколкупати претходно, тврдеше дека Европската унија не го почитувала својот дел од договорот.
„ЕУ вети три милијарди евра за мигрантите. Но времето минува, а годината се ближи кон крајот. Тие луѓе ветуваат, но не прават ништо конкретно“, рече Ердоган на конференција за наука и технологија во Анкара.
Портпаролка на Европската комисија подоцна ги отфрли критиките на Ердоган, велејќи дека примената на финансиската поддршка за бегалците во Турција во последните неколку месеци забрзала.
„ЕУ се придржува до своите обврски во согласност со договорот меѓу Турција и ЕУ. Изјавите за тоа дека договорот не се почитува, вклучително и онаа за финансиската помош, едноставно не се точни и не помагаат во ваква ситуација“, рекла за Reuters неименувана портпаролка на ЕК.
Според неа, од три милијарди евра, 2,24 милијарди евра се предвидени за хуманитарна и друга помош, како и дека 1,25 милијарди евра се договорени а 467 милиони евра се исплатени. Рекла и дека минатата седмица биле потпишани две директни одобрувања во износ од 600 милиони евра за поддршка на сириските бегалци и нивните домаќини во Турција./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

