Регион
Грчките претседателски избори закажани за 17-ти декември
Претседателските избори во Грција ќе се одржат два месеца порано, на 17-ти декември, објави во понеделникот доцна вечерта владата во Атина, а првото гласање ќе се одржи на 17-ти декември, додека кандидатите ќе бидат познати следните денови.
Наследникот на претседателот на заминување Каролос Папуљас, чиј втор мандат истекува на 13-ти март 2015 година и според Уставот на Грција не може да биде избран за уште еден мандат, се избира во три круга. Доколку владејачката коалиција не успее да го истурка кандидатот по нејзин избор, тогаш ќе мора да се распишат предвремени парламентарни избори.
Гласањето доаѓа во период кога владата на премиерот Антонис Самарас губи на популарноста во полза на радикалната лева коалиција Сириза. Политичката неизвесност е една од главните причини за недовербата во грчкиот финансиски систем. Владата ја обвинува левицата дека ја поттикнува нестабилноста, спречувајќи ја земјата да се ослободи од туторството на меѓународните доверители воведено по избувнувањето на должничката криза во 2010 година, кога се закануваше банкрот на земјата и нејзино излегување од еврозоната.
Опозицијата, којашто е убедена во својата победа според она што го покажуваат анкетите, веќе извесен период бара предвремени избори, ветувајќи дека ќе преиспита многу од непопуларните мерки за штедење што ги донесе владата на коалицијата составена од конзервативците од Нова демократија на Антонис Самарас и социјалистите од Пасок на Евангелос Венизелос.
Во неделата за време на дебатата во грчкиот парламент по предлог буџетот за 2015 година, претседателските избори земаа повеќе простор во пратеничките дискусии отколку самиот буџет. Владата смета дека предвремените избори ќе го поткопаат економското заздравување на земјата. Некои владини претставници тврдат дека ги обезбедиле потребните 180 гласови во 300-челниот парламент, меѓутоа владејачката коалиција располага со само 155 мандати во парламентот, колку што и го гласаа буџетот за следната година во понеделникот изутрината.
Во соопштението од понеделникот навечер, портпаролката на Самарас, Софија Вултепси, е наведено дека „отвореното и пркосно поттикнување на пратениците од опозицијата со цел да се оневозможи изборот на претседател на државата и да се предизвикаат предвремени избори, ја поткопуваат преговарачката позиција на Грција и испраќаат сигнал за неизвесност на пазарите“.
„Тоа ја поткопува националната економија, и ќе има последици за претприемачите и домаќинствата, работниците и невработените. Владата не може да ја дозволи таа отворена подривачка активност. Политичката неизвесност мора да престане“, се вели во владиното соопштение во коешто се додава дека од тие причини Самарас и Венизелос го информирале претседателот Папуљас за решението од спикерот на парламентот да побараат што за избор на шеф на државата и изборот да започне на 17-ти декември/крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српската полиција под критики за Данка: „Ова е сериозен скандал“
Дека во возилото нема биолошки траги од девојчето покажаа првите резултати од ДНК-прегледот на службениот автомобил што го управувале осомничените за убиството на малата Данка Илиќ во Србија, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ. Ова е спротивно на претходните информации што властите ги објавија во јавноста.
Откако во средата Вишото јавно обвинителство во Заечар потврди дека резултатите пристигнале, почнаа да пристигнуваат критики, со кои се доведува во прашање работата на полицијата.
Адвокатот Марко Пантиќ за порталот Време изјави дека целиот случај е на нестабилни нозе и дека полицијата треба да почне внатрешна контрола.
„Првите информации за ова дојдоа токму од полицијата. Доколку се додаде, дополнително, соопштението на полицијата дека еден од сведоците починал во станицата од природна смрт и резултатите од вештачењето од Белград кое покажало дека се работи за насилна смрт – ова треба да предизвика, за почеток, сериозни процедури за внатрешна контрола на работата на полицијата, а со тоа верувам дека треба да се занимава и Обвинителството во Заечар.
Сето ова многу лошо се одразува на угледот на полицијата и придонесува за уште поголем колапс на довербата во институциите, која за жал е на многу ниско ниво“, вели адвокатот за Време.
Спротивставени информации во текот на истрагата и претресот на теренот, кои не резултираа со пронаоѓање на телото на девојчето, предизвикаа критики на српската полиција.
„Сериозен скандал. Објавување лажни вести за откривање на ДНК на малата Данка, принуда на признание, смрт на осомничен при распит… Прашање е дали полицијата конструира кривично дело и случајно наоѓа сторители заради собирање ловорики кога не можат да го решат случајот Каде е обвинителството?“, напиша на „Икс“, адвокатот Владимир Тодориќ.
Криминалистот Добривоје Радовановиќ вели дека се сомнева во веродостојноста на вештачењето на примероците од автомобилот.
„Многу се плашам од тие први и подоцнежни резултати, тоа значи дека се можни секакви мешања, како е можно првото вештачење да покажува дека има траги, а второто да нема траги? Ако второто вештачење, макар и прелиминарно, покажува дека нема траги, како конечно да покаже дека ги има?“, праша Радовановиќ за Време.
Радовановиќ додава дека признанијата изнудени со помош на незаконски средства не се валидни на суд. „Често имаме ситуација кога полицијата користи незаконски средства за да присили признание. Потоа осомничените го признаваат делото, а подоцна го повлекуваат на суд. Тоа е речиси редовна појава во кривичната постапка кај нас“, посочува Радовановиќ.
Како што вели, без докази обвинението не треба да постои. „Во теорија, но во пракса не е така. Времето во кое живееме е време на организиран криминал каде се е можно“, вели криминалистот.
Адвокатот Пантиќ вели дека од правен аспект целиот случај е многу слаб.
„Излегува дека имаме неколку многу тешки и бизарни кривични дела за кои го имаме само зборот на обвинетите, тие се под притисок на јавноста во притвор и ќе бидат уште долго, во тоа не се сомневам.
Но, засега, правно, ова изгледа многу слабо и прашање е дали ќе може да биде нешто посериозно. Како да се обвини некого за убиство ако нема тело и нема начин да се утврди механизмот на одземање живот? Ако ништо друго, прво семејството на детето кое за жал почина, а второ целата јавност заслужува да добие некакво правно финале“, изјави Пантиќ за Време.
Девојчето Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а за нејзиното убиство осомничени се работниците на Бор Водовод Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.
Двајцата беа уапсени на 4 април, а еден ден подоцна беа сослушани во Обвинителството во Заечар. Наводно, во таа прилика Драгијевиќ целосно го признал извршувањето на кривичното дело, додека Јановиќ наводно се бранел молчејќи. Потоа им беше изречена мерка притвор од еден месец.
Се сомнева дека Драгијевиќ и Јанковиќ со автомобил го удриле девојчето, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле до депонијата. Телото на Данка до денес не е пронајдено. Во меѓувреме, приведен е и братот на Драгијевиќ, кој почина во полициската станица во Бор.
Иако првично беше објавено дека починал од природна смрт, обдукцискиот наод на Институтот за судска медицина во Белград покажа дека тој починал од насилна смрт на 7 април во утринските часови во полициска станица.
Регион
Земјотрес во Србија
Жителите на Нови Пазар утрово ги разбуди слаб земјотрес, известуваат медиумите во Србија.
Јачината на земјотресот е 2,5 степена според Рихтеровата скала, а е регистриран во 7.37 часот.
Се проценува дека интензитетот на ударот во епицентарот е III-IV од Меркалиевата скала.
Регион
(Видео) Градоначалникот на Белград му се закани на маж и му го фрли мобилниот: Се чувствувал загрозен, објавија српските медиуми
Александар Шапиќ, градоначалник на Белград и кандидат за нов мандат на СНС, денеска предизвика инцидент и му го скрши мобилниот телефон на маж.
Имено, Шапиќ се појави на прес-конференција на која требаше да зборува за отстранување на сплавовите на савскиот насип, а потоа почна да разговара со граѓаните, што набрзо доведе до инцидентот.
По краток разговор тој почнал да си оди, кога еден од граѓаните почнал да го снима. Во тој момент Шапиќ му го зел мобилниот телефон и го скршил, пренесува Нова.рс.
Prostački napada @AcaSapic na aktiviste- otimanje telefona, razbijanje o beton i salva pretnji i uvreda tzv. gradonačelnika danas na Savskom keju. pic.twitter.com/6ImjFn9JQ1
— Petar Djuric (@Petar__Duric) May 9, 2024
Имено, како што пишува српскиот портал, мажот прашал до која година може да се легализираат дивоградбите, по што Шапиќ бурно реагирал.
На снимката се слуша како еден човек вели дека Шапиќ почнал да се заканува, со неколку пцовки, по што Шапиќ му го скршил мобилниот телефон.
Не е првпат неговите конференции да бидат обележани со физички инциденти и навреди.
Човекот кому Шапиќ му го скрши мобилниот телефон е активистот Александар Цвркотиќ, кој за Данас изјави дека го прашал кандидатот на СНС до кога може да се легализираат објектите. „Слушнав дека неговата куќа е изградена по годината пропишана со закон“, рече Цвркотиќ.