Регион
Грчките службеници и аптекари штрајкуваат против договорот за помошта
Во средата низ Грција останаа затворени аптеките, чии вработени заедно со оние во јавните служби излегоа на штрајк протестирајќи против новиот договор постигнат во понеделникот со еврозоната за новиот трет пакет меѓународна финансиска помош кој земјата треба да ја спаси од банкрот, но носи и нови реформи и мерки за штедења.
Јавните службеници и аптекарите од утрото демонстрираа во центарот на грчката престолнина Атина поради новите мерки за штедење, истакнувајќи ги транспарентите на коишто пишуваше „Откажете ја помошта“ и „Не за политиката на ЕУ, ЕЦБ и ММФ“, но според медиумските извештаи на нив учествувале само неколку стотици луѓе.
Други протести, за кои се верува дека ќе бидат далеку побројни, се закажани за попладневните и вечерните часови.
Испитувањето на јавното мнение чии резултати беа објавени во вторникот покажа дека повеќе од 70 отсто од Грците сакаат парламентот кој заседава во средата, да го одобри законот со кој ќе биде овозможено владата на премиерот Алексис Ципрас да го склучи договорот за помошта.
Пратениците ќе гласаат за мерките кои се клучни за деблокирање на помошта којашто ѝ е неопходна на Грција за да се ја одржи ликвидноста, меѓутоа новите мерки за штедење тешко ги прифаќаат многумина во земјата во којашто невработеноста се зголеми над 25 отсто,а економијата потона за четвртина во текот на спроведувањето на двата претходни реформски пакети за штедење во замена за вкупно 240 милијарди евра заеми и 107 милијарди евра отпишување на долгот, претежно кај приватните доверители./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

