Регион
Хоџај: Не ни е потребна помош од Тирана

Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај изјави во саботата дека на Косово не му е потребна помош од Тирана, кога е во прашање дијалогот со Србија .
Хоџај за тетовската телевизија АРТ ја изнесе оцената дека во оваа насока има поддршка од Америка и Европа, и додаде дека соработката Албанија – Србија е билатерална соработка меѓу тие две земји.
„Косово бара соодветна помош, но тоа го бара од САД и ЕУ а не од други држави“ додаде Хоџај за ТВ Арт.
„Косово е независна држава, како и секоја друга држава, а Албанија не е глобален актер како што се САД и ЕУ“, додаде косовскиот шеф на дипломатијата.
Оваа изјава на Хоџај дојде по оцените на дел на срспките институции, дека Тирана и албанскиот премиер Еди Рама може да бидат посредници во преговорите за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград./крај/мф/кн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Србија: работник затрупан во каменолом, извлекувањето на телото траеше осум часа

53-годишен работник починал кога врз него се срушила голема количина камења во каменолом во подножјето на планината Гоча во централна Србија, јавува Блиц.
Службите за итни случаи, кои биле на местото на несреќата, изјавиле дека можат само да ја потврдат неговата смрт.
Вчера, по речиси осум часа, екипи на специјален тим од Дирекцијата за вонредни ситуации во Крагуевац успеаја да го извлечат телото на работникот.
Во спасувачката акција во каменоломот во Краљево – Гоча, според Блиц, учествуваше и специјализиран тим за урнатини од Дирекцијата за вонредни ситуации во Крагуевац.
Каменоломот во населбата Каменица, во подножјето на Гоча, е во приватна сопственост.
Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.