Регион
Хрватскиот Уставен суд одлучи дека нема да се одржи референдум за кирилицата
Уставниот суд на Хрватска во средата одлучил дека во земјата нема да се одржи референдумот за употреба на кирилицата, поради тоа што референдумското прашање не е во согласност со хрватскиот Устав, пренесуваат тамошните медиуми.
Распишувањето на рефендумот беше поднесено од граѓанската инцијатива „Стожер за одбраната на хрватски Вуковар“, а хрватскиот Сабор потоа побара оценка на уставноста на референдумското прашање.
Граѓанската иницијатива „Стожер за одбраната на хрватски Вуковар“, составена воглавно од здруженија на хрватските бранители, кон крајот на минатата година до Саборот предаде околу 600 илјади потписи за распишување на референдум по измените на Законот на правата на националите малцинства, според кои малцинствата би имале право на официјална употреба на јазикот и писмото доколку сочинуваат половина од населението во одредена област.
Ова право сега им е овозможено на припадниците на малцинствата кои чинат повеќе од третина од населението, каков што е случајот со Србите во Вуковар, а токму поставувањето на двојазичните табли во септември минатата година во овој град беа причина за собирањето на потписите за референдумот.
Од хрватската влада, предводена од премиерот Зоран Милановиќ, повеќепати беше порачано дека е неприфатливо намалување на малцинските права и дека референдумот за употребата на кирилицата нема да се одржи, без оглед на тоа колку потписи ќе бидат собрани.
Во средата, исто така, било соопштено дека хрватските власти покренале обвиненија против 22 воени ветерани, поради насилното отстранување на двојазичните табли со кирилични натписи на државните институции во Вуковар./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Борисов: Како Радев ќе се натпреварува со мене, врз основа на што?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со градоначалници од партијата во Стара Загора упати критики кон поранешниот бугарски претседател Румен Радев, доведувајќи го во прашање неговото политичко позиционирање.
„Ние сме научени да бидеме скромни, но да бидеш скромен не значи да немаш самодоверба. Кој во оваа држава направил помалку од нас? Како ќе излезе Радев да се натпреварува со мене, врз основа на што?“, праша реторички Борисов.
Осврнувајќи се на новогодишното обраќање на претседателот, тој додаде: „На Нова година со задржан здив го слушавме говорот на претседателот. Кога рече олигархија – нека каже која е. Јас тврдам дека во ГЕРБ нема таква“.
Регион
(Видео) Вториот најголем вид ајкула снимен во близина на хрватски остров
Интересно суштество беше видено минатата недела во морето во близина на Црес, Хрватска.
Вработените во Институтот „Син свет“ добија видео врз основа на кое заклучија, иако не е најјасно, дека најверојатно станува збор за голема ајкула (Cetorhinus maximus). До овој заклучок дојдоа врз основа на карактеристичниот облик на нејзината грбна перка.
Големата ајкула е вид кој е редок, но постојано присутен по должината на источниот јадрански брег.
Повеќето видувања на ова животно доаѓаат од северниот Јадрански дел, вклучувајќи го и Кварнерскиот залив, кој е добро познат како област на Јадранскиот дел со најголема биомаса на зоопланктон, истакнува Институтот.
Тоа е втор најголем вид ајкула во светот, веднаш по кит-ајкулата, и може да достигне должина од повеќе од десет метри.
Тоа е миграторен вид кој се храни со планктон со филтрирање на морето со широко отворена уста и не е опасен за луѓето.
„Со учество во собирањето податоци од страна на јавноста, добиваме вредни информации што им помагаат на научниците во истражувањето и заштитата на морето. Секоја фотографија, секој совет и секој запис во апликацијата придонесува за подобро разбирање и зачувување на нашиот морски екосистем“, рекоа тие.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.

