Регион
Јункер: Европа сé уште не ја надмина кризата
Европа сé уште не ја надмина кризата, но постигнат е напредок, изјави во понеделникот во Атина, претседателот на новата Европска комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер, при првата официјална посета на земја членка на Европската унија (ЕУ), пренесува AFP.
„Верувам дека веќе минавме долг пат и дека сме кон крајот, но сé уште не сме го поминале прагот“, изјавил Јункер за време на симболична посета на Грција, по неговото неодамнешно назначување на чело на Европската комисија.
Запрашан за ситуацијата во Португалија, претседателот на новата Европска комисија изјавил дека таа „останува нестабилна и е потребна внимателност“.
„Треба да останеме будни во цела Европа, бидејќи можеме да бидеме погодени од нештата кои не можеме да ги предвидиме“, предупредил Јункер, посочувајќи го примерот со португалска банка Еспирито Санто, која неодамна ги потресе европските пазари.
За справување со кризата, според Јункер, потребно е „строгите буџетски ограничувања да продолжат“.
„Не велам дека буџетските ограничувања стигнаа до крајот, ограничувањата остануваат актуелни во Грција, како и во другите земји”, изјавил Јункер со грчкиот премиер Андонис Самарас.
Поранешниот претседател на Еврогрупата, кој иницираше издавање на два меѓународни заеми за Грција, земја која беше првата жртва на должничката криза во 2010 година, потсетил дека своевремено се борел „како лав” за зачувувањето на земјата во еврозоната.
„Имаме потреба од буџетската дисциплина и од финансиската сигурност, но исто така треба да работиме и за економски раст”, изјавил Јункер, потсетувајќи дека неговите приоритети како претседател на Комисијата ќе бидат „растот, вработеноста и инвестициите“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

