Регион
Kако е ископан тунелот во судот во Подгорица – судски вештак со две теории: „Некој мораше да обезбеди прецизни карти“
Прашањето што се наметнува деновиве е: „Како е можно некој да ископа тунел долг 30 метри токму пред очите на јавноста и пред властите во Вишиот суд? За да се ископа тунелот долг 30 метри што ги поврзува двете згради, не беше потребна тешка механизација, туку беа потребни прецизни карти“, вели Драган Жарковиќ, судски вештак од областа на градежништвото.
„Некој мораше да ги даде податоците за крајната точка на тунелот, тоа мораше да го направи со геодетски апарати и инструменти и претпоставувам дека тоа е направено со рачен алат, без употреба на некој современ алат, кој би го направил тоа побргу. Моја претпоставка е дека тоа се правело подолг временски период, можеби и ноќе“, наведува Жарковиќ.
Судскиот вештак посочува дека звукот на делата биле камуфлирани од секојдневната врева, а не исклучува и современи тивки машини.
„Оние што се занимаваат со такви работи, а тоа се организирани криминални групи, имаат помодерни технологии од оние што треба да ги спречат во тоа. Тоа е проблемот на Црна Гора“, вели Жарковиќ.
Според првите процени, димензиите на тунелот се еден метар на 80 сантиметри за што требало да се ископаат приближно 18 кубни метри земја, вели Жарковиќ.
Тој додава дека во 15-годишното искуство во градежно вештачење немал ниту еден сличен случај и напоменува дека за попрецизна анализа би требало да го посети тунелот, а таков професионален наод, смета тој, ќе придонесе за истрагата.
За потсетување, во понеделникот беше откриен тунел што води од Вишиот суд во Подгорица, каде што се чуваат клучните докази, до приватен стан во станбена зграда.
Постојат неколку претпоставки за тоа што го предизвикало копањето ваков тунел. Првата е кражба на докази, а втората е бегството на еден од затворениците.
Откриено е дека тунелот бил ископан ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, додека се попишувале докази.
Според истите информации, припадниците на антитерористичката единица потоа утврдиле дека зад отворот во ѕидот бил скриен тунел, кој води до блискиот станбено-деловен објект во центарот на Подгорица. Во акцијата била користена антидиверзантска опрема, како роботи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Загреб: пронајдено тело во автомобил во одводен канал
Граѓани попладнево во одводен канал во Загреб пронашле возило со тело на непознато лице, соопшти полицијата.
Повикот во полиција стигнал нешто по 13 часот.
Полицијата набрзо пристигнала на локацијата меѓу Антуновац и Тења и потврдила дека лицето во возилото починало, пишува Вечерњи лист.
Истрагата е во тек.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.