Регион
Љубљана најавува исти мерки како Виена за контрола на границите и имигрантите
Доколку Австрија и Германија го ограничат примањето на имигрантите, истите чекори веднаш ќе ги преземе и Словенија, гласи пораката на словенечката влада на најавата на австрискиот канцелар Вернер Фајман за привремено суспендирање на шенгенскиот визен режим на минување без контрола на документите на границите со соседните држави.
„Австрија во согласност со шенгенските правила може да воведе контрола на своите граници со оцена дека настанатите околности тоа го наложуваат поради безбедносната состојба во земјата, но таквата мерка е потребно да им се најави на сите држави членки и на Европската комисија“, се наведува во изјавата на словенечката влада која во неделата ја објави нејзината служба за односи со јавноста.
Словенечката влада наведен во врска со изјавата на австрискиот канцелар Вернер Фајман за весникот Oestereich, дека потегот на Австрија не е изненадување, но дека Виена би требало на Европската комисија ѝ објасни зошто воведува мерки на привремено суспендирање на Шенгенскиот договор и до кога тоа ќе трае.
Доколку Австрија одлучи повторно да воведе контроли при преминување на границите за земјите членки на Европската унија и Шенген, тогаш исти мерки за контрола на границата и регулирање на приливот бегалци, веднаш ќе ги примени и Словенија, предупредува тамошната влада.
Во соопштението се наведува дека Словенија активно соработува во барањето решение за европската миграциска криза и сака заеднички договор на европско ниво, но и оти ќе преземе „решителни и доследни мерки“ доколку постои загрозување на нејзините национални интереси и доколку другите земји еднострано дејствуваат.
Австрискиот канцелар Фејман за електронското издание на дневниот весник Oestereich од неделата предупреди дека Австрија во иднина во земјата ќе ги пушта само оние имигранти за коишто ќе оцени дека може да добијат азил во Австрија, како и оние кои имаат намера да бараат азил во Германија, но не и оние на кои крајна дестинација им е некоја друга европска земја.
Фајман додаде дека поради досегашниот неуспех во одбраната на надворешните граници на ЕУ и целиот шенгенски режим е доведен во прашање, бидејќи членките на Шенгенскиот договор мораа самите да почнат да ги штитат сопствените национални граници.
Според извори од австриското министерство за надворешни работи кои ги петокот ги цитираше словенечката новинска агенција STA, новиот построг режим и контролата на сите патници на граничните премини со соседните држави Австрија би започнала да го применува од крајот на следната седмица, иако во тек е нејзината иницијатива за усогласување на построгата контрола на приливот на бегалци заедно со Словенија и Германија во кои би се вклучила и Хрватска, за постепени да се сопре приливот на имигранти по ткн балканска рута./крај/мф/сн
Извор: STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нафталин предизвикал пожар во банка во Бугарија, гореле пари
Речиси 15.340 евра се запалиле и изгореле во касата на филијала на централната банка во Горна Орјаховица, Бугарија, јауваат локалните медиуми. 86.918 евра, кои исто така биле во трезорот, ги преживеале пламените јазици.
Инцидентот се случил доцна во вторникот попладне. Еден постар маж решил да внесе заштеда од речиси 2.045 евра на својата сметка за да може неговите пари автоматски да се конвертираат во евра по Нова година.
Се покажало дека човекот ги чувал парите во гардеробер, каде што имало и облека третирана со нафталински топчиња. Кога банкнотите биле внесени, тие имале кристали од репелентот, кој е многу токсичен и лесно запалив кога е изложен на топлина.
Банкнотите поминале низ машината за броење и, најверојатно, нафталинот се кренал во воздухот и влегол во клима-уредот. Оттаму, искра влетала во касата, но не ја забележале вработените во банката и парите во трезорот почнале да горат. Се појавил и чад, а откога касата била отворена и во неа влегол кислород, пожарот се разгорел.
Изгорела речиси 1/6 од вкупната сума во касата, која изнесувала приближно 102.264 евра. Нема повредени вработени. Пламенот бил изгаснат од пожарникари, а парите се осигурени. Износот на човекот што го депонирал – 2.045 евра – бил префрлен на неговата сметка – во евра.
Регион
Судот во Нови Сад ја прекина постапката против Горан Весиќ и уште двајца обвинети за падот на настрешницата
Вонстепениот совет на Вишиот суд во Нови Сад ја прекина кривичната постапка против поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, неговата поранешна помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, во случајот со падот на настрешницата на железничката станица.
Тие беа обвинети за тешко кривично дело предизвикување општа опасност.
Во своето образложение, судот наведе дека нема доволно докази за да се поткрепи основано сомнение дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се сметаат за одговорни.
Со одлуката на судот им е укината мерката за домашен притвор на Танасковиќ, Спремиќ, Гавриловиќ и Тодоровиќ. Со наредба на Врховниот суд на Србија во Белград, Анита Димоски и Горан Весиќ остануваат во домашен притвор.
Паралелно, судот во Нови Сад ги потврди обвиненијата против седум други обвинети во случајот со трагедијата на железничката станица.
На 1 ноември минатата година, 16 лица загинаа, а едно лице беше тешко повредено при падот на бетонската настрешница на неодамна реновираната зграда на станицата. Инцидентот предизвика масовни протести во Србија , предводени главно од студенти, кои бараа оставка на владата и закажување предвремени парламентарни избори.
Агенцијата Франс Прес прецизира дека одлуката на судот во Нови Сад не е конечна, а обвинителството веќе ја објави својата намера да поднесе жалба.
Регион
Милановиќ: Го пречекуваме Божиќ во сенка на сè поголема неизвесност
Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, во својата божиќна честитка до граѓаните, рече дека Божиќ оваа година доаѓа во време на глобална неизвесност, закани од насилство и војни и неизвесна иднина, нагласувајќи дека е особено загрижен за поделбите и растечката недоверба во хрватското општество.
Во пораката упатена до своите сограѓани, Милановиќ нагласи дека, како претседател и граѓанин, би сакал да посака мирни и радосни празници, но дека околностите во кои се пречекува Божиќ не го дозволуваат тоа.
„Ќе го пречекаме и прославиме Божиќ пред нас во сенка на сè поголема неизвесност, сè поголеми закани од насилство и војни и неизвесна иднина“, рече претседателот, додавајќи дека во таква глобална средина во Хрватска гледа и чувствува поделби, меѓусебни обвинувања и растечка недоверба.
Тој нагласи дека негова прва и главна обврска како претседател е да стори сè што е можно за безбедноста и стабилноста на хрватското општество и државата, за да можат сите граѓани, без оглед на националноста, религијата или политичката припадност, да живеат мирно, да работат, да одгледуваат семејства и да планираат за иднината.
Зборувајќи за идентитетот на Хрватска, тој нагласи дека земјата е силна поради нејзината разновидност, не само природна, туку и разновидноста на обичаите, традициите и културата на животот кои, како што изјави, се трајно вткаени во нацијата и ја прават поотпорна на закани.
Тој, исто така, потсети на историските искуства, нагласувајќи дека Хрватска била најсилна кога била обединета, без непотребни поделби и меѓусебна недоверба, и рече дека не смее да се дозволи поделбите во мир да ја загрозат постигнатата стабилност и безбедност.
Милановиќ предупреди и на промените во глобалниот поредок, во кој, како што рече, моќта и бруталната сила сè повеќе стануваат правило, а од помалите држави се очекува послушност што се граничи со покорност. Во такви околности, нагласи тој, хрватскиот народ мора да се грижи за сопствените интереси и за иднината на своите деца, останувајќи добронамерен и праведен кон другите.
Изрази надеж дека разумот и мирот ќе преовладаат во светот, а хармонијата и меѓусебното разбирање меѓу хрватскиот народ ги наведе како своја најголема божиќна желба.

