Регион
Maж во БиХ си ја убил сопругата, па самиот се пријавил во полиција
Нов случај на фемицид се случи во Босна и Херцеговина, при што 63-годишен маж ја застрела сопругата, потврди локалното обвинителство. Злосторството било извршено синоќа во градот Кључ во северозападниот дел на Босна, а полицијата за тоа добила информација утрово.
Веднаш го известиле жупанското обвинителство, а од таму потврдиле дека истрагата утврдила дека во семејна куќа во населбата Велагиќи маж со иницијали К. М. (63) пукал и си ја убил сопругата.
Тој се предал во Полициската станица Кључ и веднаш бил приведен. Во тек е истрага за утврдување сите околности на оваа трагедија.
Зголемениот број и бруталноста на убиствата, во кои жртвите биле сопруги или партнери на луѓето што ги убиле, предизвикаа нов бран протести во земјата и сè поинтензивна кампања против родово базираното насилство, но законодавството во БиХ сè уште не го дефинира фемицидот како особено тежок облик на кривично дело што би се казнило построго.
Фемицидот во правната практика се дефинира како родово засновано убиство мотивирано од чувството на супериорност над жените.
Дополнително, голем процент од жените во БиХ се изложени на разни форми на насилство, па во првите девет месеци од 2024 година речиси пет илјади од нив побарале помош и совет преку специјално воспоставените СОС-телефонски линии.
Нема официјална статистика што би важела за цела БиХ и би третирала случаи на фемицид, но разни невладини организации во таа земја собрале информации за најмалку 60 жени, кои биле убиени од своите партнери од 2015 година. Податоците се достапни на веб-страницата на организацијата „Мрежа на жени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Автомобил ја проби блокадата во Белград, удри студент и го носеше на хауба
Студенти на Економскиот факултет во Белград соопштија дека денеска за време на нивната акција на улицата Караѓорѓева возило ја пробило блокадата, удрило во студентот и го носело на хаубата.
По тој инцидент, соопштија, жената која го управувала автомобилот побегнала, а повредениот студент е пренесен во болница, пренесува Нова.рс.
„Студентот во моментов е во Ургентниот центар по интервенција на Брза помош. Нападот бил пријавен во полиција, која како сведоци повикала професор на Економскиот факултет и лице од студентската служба. Сведоците дадоа исказ во полициска станица“, велат студентите.
Регион
(Видео) Вучиќ: Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на социјалните мрежи објави видео со порака:
„Јас живеам за Србија. Дали ме сакаат или не, резултатите кажуваат сè“, вели тој.
View this post on Instagram
„Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја. Србија реално ги има највисоките плати во својата историја. Србија реално ги има највисоките пензии во својата историја. Србија ја изгради својата патна и железничка инфраструктура како никогаш досега во својата историја. Дали е сето тоа точно, Србија ја изгради својата научна и технолошка инфраструктура, Србија никогаш во својата историја не давала толку пари како што дава денеска за земјоделството. И тоа е наследство од мојата политика, му се допаѓало тоа некому или не. Тоа се резултатите, сакале вие тоа да го признаете или не“, вели Вучиќ.
Регион
Во грчките пристаништа ветерот го запре поморскиот сообраќај – транспортот до многу острови е невозможен
Поморскиот сообраќај во многу пристаништа во Грција е во прекин поради силниот ветер.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, поради силните ветрови на Егејското Море, воведена е забрана за пловидба во многу пристаништа, меѓу кои Пиреја, Лаврио, Рафина, Волос и Кавала.
Поради забраната, значително е во прекин поморскиот сообраќај во целата земја, а транспортот до многу острови во моментот не е можен, пренесуваат медиумите.
Според податоците на грчката метеоролошка служба, се проценува дека брзината на ветерот во регионот денеска ќе се зголеми, што значи дека би можел да достигне ниво на брзина на урагански ветер од 89 до 102 километра на час.