Регион
Над 2.000 мигранти се закануваат со насилно излегување од прифатен центар во Унгарија
Околу 2,300 мигранти кои останаа во прифатен центар во Унгарија кај граничниот премин Реске-Хоргош, откако претходно пробивајќи ја оградата од него излегоа околу 300 мигранти, се заканија дека и тие насилно ќе излезат од центарот, доколку во рок од два ласа не биде одговорено на нивните барања, објави унгарската полиција.
Како што известува репортерот на Reuters, унгарските власти за да спречат безредија во центарот и околу него распоредиле дополнителни полициски сили.
Сé уште не е јасно кои се точно барањата на мигрантите, но полицијата тврди дека се обидува да ја реши ситуацијата на мирен начин. Се трага по мигрантите коишто претходно го напуштиле центарот во мали групи, и локалните власти веруваат дека тие наскоро ќе бидат вратени.
Околу 300 мигранти во 11.30 часот ја пробија оградата на прифатниот центар, поради што полицијата го затвори дел од автопатот кој води кон споменатиот граничен премин.
Полицијата не наведува повеќе детали за инцидентот, освен дека делот од автопатот кој води од границата со Србија кон главниот град Будимпешта привремено е затворен, а сообраќајот е пренасочен по стариот пат.
Во другиот прифатен центар, крај градот Биске во централна Унгарија, група од 64 михранти, исто така, се пробила надвор од центарот, објави во меѓувреме унгарската новинска агенција MTI.
Унгарската полиција во изминатите 24 часа уапсила 3.000 илегални бегалци и 11 криумчари на луѓе, изјави претходно полицискиот функционер Ласло Балаш. Досега годинава се уапсени 900 криумчари на луѓе, за разлика од 593 за целата мината година.
Унгарското министерство за надворешни работи за агенцијата MTI соопштило дека досега годинава 150.611 мигранти поднеле барање за азил, меѓи кои се 50.413 се сириски државјани./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

