Регион
Најавена заедничка воена вежба на Русија и Србија
Воздухопловните сили на Русија и на Србија ќе ја одржат првата заедничка вежба на територијата на Србија, објави во неделата руската агенција Sputnik, повикувајќи се на соопштение на руското министерство за одбрана.
„Пилотите на воздухопловните сили на Русија и авијацијата и противвоздушната одбрана на Војската на Србија првпат ќе одржат заеднички тактички вежби ‘Барс 2016’ на територијата на Србија“, се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана, без да се наведе терминот и местото на одржување на воената вежба.
„Во вежбата Барс 2016 ќе учествуваат заеднички екипажи на борбеното и транспортното воздухопловство на авионите ‘Миг-29’ и хеликоптерите ‘Ми-8’“, се додава.
Ќе учествуваат вкупно 10 единци воздухопловна техника и воздухопловни сили на противвоздушната одбрана на Србија, а екипажите ќе „изведат пресретнувања на воздушни цели, елементи од воздушна борба, сложени фигури и акробации, тактички удари врз копнени цели и десанти и давање поддршка во потрага и спасување“.
„Воените вежби ‘Барс 2016’ се одржуваат согласно планот за меѓународна воена соработка“, се истакнува во соопштението на руското министерство за одбрана.
Српското министерство за одбрана уште не ја потврди оваа информација, но кон крајот на август беше објавено дека „на почетокот од ноември ќе биде одржана заедничка воена вежба на Србија, Русија и Белорусија ‘Славјанско братство 2016’ за чии подготовки во Белград разговараа претставниците на вооружените сили на трите држави“.
Првите заеднички руско-српски воени вежби беа одржани пред две години во Србија, а беше увежбувана антитерористичка операција. Заедничките вежби беа одржани и во октомври 2015 година на рускиот полигон Ашулук./крај/мф/сн
Извор: Sputnik
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

