Регион
Непознат напаѓач странец уби словенечки полицаец па се самоуби
Триесетгодишен словенечки полицаец од Брежице почина во болница откако во средата пладнето бил прободен со нож во градите од непознат напаѓач кој потоа извршил самоубиство, објави полицијата,
Управата на словенечката полиција го потврди инцидентот без да наведе поединости, додавајќи дека околностите за злосторството сé уште е истражуваат.
Локалните медиуми пренесуваат дека напаѓачот е странски државјанин, кој од местото на злосторството побегнал пред да пристигне полицијата, а подоцна бил пронајден мртов.
Интернет порталот на дневниот весник Delo пишува дека директорот на полициската управа на Ново Место потврдил дека напаѓачот е 22-годишен германски државјанин.
Додал дека според локалното население во местото на инцидентот бил забележан непознат млад човек кој зборувал англиски јазик и барал работа и оти по пријава полицијата патролирала трагајќи по младиот маж и околу пладнето во средата повторно на повик заминале во местото Чатеж на Сава.
Сега почнатиот полицаец го забележал младиот маж кој седел покрај патот, и кога се упатил кон него овој одненадеж извадил нож и го прободел во градите, нанесувајќи му повреда од којашто починал во болница по два часа.
Во извештаите се потсетува дека нападите врз полицајците во Словенија не се ретки и оти последните години имало повеќе такви случаи.
На почетокот од седмицава на судот во Љубљана беше потврдена пресудата за маж кој лани недалеку од словенечката престолнина нападна полициски автомобил намерно залетувајќи се во него од спротивната насока.
Во овој инцидент еден полицаец загина, а другиот беше потешко повреден. Убиецот Само Трдин, поранешен сопруг на словенечка дипломатка, осуден е на 30 години затвор, максимална казна во Словенија за делото убиство со умисла./крај/мф/сн
Извор: Delo
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

