Регион
Песков: Обвиненијата од Црна Гора е обид да се демонизира Русија
Изјавите кои доаѓаат од страна на црногорските власти во врска со протестите на опозицијата со кои се бара оставка на владата и распишување предвремени избори за наводна руска вмешаност во нив, е обид да се демонизира Русија, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, откако црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ претходно во неделата вечерта изјави дека зад протестите во Подгорица стои Москва.
„Насекаде бараат некој ѓавол, и притоа задолжително продолжуваат да ја демонизираат Русија, тоа стана многу добро позната забава за многу земји“, изјави Песков, пренесува агенцијата ТАСС, одговарајќи на барањето на новинарите да ја коментира изјавата на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, дека наводно Москва има поврзаност со протестите со коишто се бара неговата оставка.
Подгоричките медиуми црногорската опозиција предводена од Демократскиот фронт ја нарекуваат „просрпска“ и пишуваат дека на протестите биле истакнувани и руски симболи, знамиња и транспарентни против членството на Црна Гора во НАТО.
Портпаролот на Кремљ ова обвинување го нарече „многу чудно“. „Меѓутоа, ние сепак се надеваме дека здравиот разум ќе надвладее и трезвената оцена ќе доминира“, заклучи Песков.
Според последните податоци, по судирот меѓу полицијата и демонстрантите ноќта кон неделата во Подгорица, покрај 40-те повредени и на двете страни, уапсени се уште 11 луѓе, меѓу кои и членови на парламентот од Демократскиот фронт.
Црногорската опозиција бара оставка од премиерот, 53-тригодишниот Мило Ѓукановиќ кој е на власт во Црна Гора без прекин веќе 25 година, а премиер, по шести пат, стана во 2012 година и беше претседател во периодот од 1998 до 2002 година. Бараат и формирање техничка влада која ќе ги распише предвремените парламентарни избори.
Во саботата навечер Демократскиот фронт започна протест на платото пред парламентот, кој според претходниот договор со полицијата требаше да трае до шест часот утрото во недела, на кој побараа од премиерот и спикерот на парламентот, Мило Ѓукановиќ и Ранко Кривокапиќ, да ги исполнат нивните барања да си поднесат оставки и да се формира преодна влада којашто ќе ги организира предвремените парламентарни избори.
Црногорската полиција, којашто минатата седмица насилно го растури протесниот камп пред парламентот, објави дека бил приведен и пратеникот на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, еден од главните организатори на протестите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

