Регион
По петчасовното затворање на бугарско-турската граница уапсени 33 цариници

Бугарија повторно во неделата ја отвори границата кон Турција која беше затворена околу пет часа, и за тоа време се приведени 33 цариници кои се осомничени за корупција, соопшти обвинителството.
„Сите цариници од смената во неделата утрото коишто ги контролирале влегувањата во Бугарија на граничниот премин Капиѕан Андреево се наоѓаат во притвор во рамките на истрага за криумчарење“, изјави главниот обвинител Сотир Цацаров, пренесе Бугарското национално радио БНР.„Триесет и три цариници од овој главен граничен премин на бугарско-турската граница од царинарницата во Свиленград во неделата останаа во притвор до доцна попладнето, во рамките на истрага за група којашто се занимава со организиран криминал“, изјави обвинителката Даниела Попова задолжена за истрагата околу криумчарењето.Премиерот Бојо Борисов изјави дека очекува меѓу 80 и 100 приведувања во рамките на операцијата против криумчирањето. Повеќе од 100.000 лева, односно 50.000 евра, се најдени во текот на стоте претреси во неделата во пет погранични места. Цариниците кои ги пропуштале возилата без контрола примале меѓу 5 и 300 евра мито по возило, прецизираше Попова и додаде дека операцијата не е завршена.Границата беше околу пет часа затворена за возилата кои влегуваа во Бугарија, а повторно беше отворена кон средината на попладнето. Од турска страна се создала колона од 15 километри, пренесуваат тамошните медиуми.Граничниот премин Капитан-Андреево се наоѓа на најкусиот пат меѓу Европа и Блискиот исток. На надворешната граница на Европската унија, Бугарија редовно се соочува со илегална трговија на стоки и на луѓе, а илегалните имигранти често ја минуваат границата сокриени во возила. Во март годинава беше откриен голем канал за криумчарење цигари преку овој премин во ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Укинат притворот за петмина осомничени за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.
Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања за корупција и лошо извршување на работите за неодамнешната реконструкција на станицата.
Меѓу првично уапсените, судот веќе претходно го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со нова измена на одлуката, уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и тримесечна забрана за напуштање на станот, како и забрана за користење на телефон, интернет и прием на други лица во станот.
Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.
Меѓу обвинетите се поранешната вд директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски, како и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.
Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.
Регион
Индискиот премиер пристигна во историска посета на Хрватска

Индискиот премиер Нарендра Моди слета во Загреб, каде што ќе се сретне со својот хрватски колега Андреј Пленковиќ попладне и со претседателот Зоран Милановиќ навечер. Ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска.
„Индија е еден од најважните партнери на Хрватска во Азија. Ова е историска, прва посета на индиски премиер. Тоа е најнаселената земја во светот, (со) 1,44 милијарди жители“, рече Пленковиќ на владина седница.
Тој ги опиша билатералните односи меѓу двете земји како добри и во „фаза на подем“, додавајќи дека Моди доаѓа во Хрватска по самитот на Г7 во Канада на негова покана. Се очекува претставниците на двете земји да потпишат голем број меморандуми и билатерални договори во различни области, вклучувајќи земјоделство, култура и образование.
„Двете наши земји уживаат вековно стари блиски културни врски. Бидејќи ова е прва посета на индиски премиер на Хрватска, тоа ќе отвори нови патишта за билатерална соработка во области од заеднички интерес“, напиша Моди на социјалната платформа Икс.
Регион
Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и од Иран

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ-Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и од Иран.
„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе ги евакуираме и амбасадорот и персоналот на Амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за Амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ-Радман за новинарите по владина седница.
На прашањето кога ќе почне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека Министерството е во постојан контакт со амбасадорот и со вработените.
„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда, каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално, чудо е што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ-Радман.
Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и за неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и со исеченици. Нивниот стан беше целосно уништен.
Министерот исто така нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и од Иран.
„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.