Регион
Разочарани од Ципрас, Грците повторни штрајкуваа
Јавниот транспорт и јавните служби во четвртокот во грчката престолнина Атина беа во втор генерален штрајк во последните неколку седмици, но според медиумските извештаи тој мобилизирале нешто помал број луѓе кои се незадоволни со реформите во пензискиот систем коишто грчката влада мора да ги спроведе според договорот со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во замена за третиот пакет надворешна финансиска помош во износ од 86 милијарди евра.
Според процените на атинската полиција, 8.000 луѓе учествувале во протесната поворка во центарот на грчката престолнина, на повик на комунистичкиот синдикален фронт PAME, а 6.500 луѓе во другата поворка која ја преводеа двата најголеми синдиката GSEE, на приватниот, и ADEDY, на работниците во јавниот сектор. На претходниот штрајк одржан на 12-ти ноември учествуваа околу 20.000 луѓе.
Денешниот штрајк главно го опфати јавниот сектор, државната управа, болниците и училиштата, сите траекти кои пловат кон сотровите останаа во пристаништата, а не работеше и јавниот градски транспорт.
„Доста е“, беше истакнато на еден транспарентите на синдикатот GSEE, на коишто се предупредуваше и на „пензиите кои ги убиваат луѓето“, на „новите фискални напади врз буџетот“се бараше „поништување на приватизацијата“.
Синдикатите повикаа на овој штрајк протестирајќи против големата реформа на пензискиот систем која владата на коалицијата на радикалната левица Сириза на премиерот Алексис Ципрас, мора да ја започне на почетокот од 2016 година, за да ги почитува обврските кои во јули ги презема кон доверителите.
Штрајкот, исто така, претставуваше предупредување пред ноќта кон неделата да се гласа за буџетот кој ќе содржи многу штедења, како и впрочем сите грчки буџети од 2011 година, без разлика дали ги носеше десницата или левицата. Ципрас во саботата вети дека пензиската реформа ќе се спроведе „без нови болни кастрења на пензиите“, но неговата влада сé уше ги нема објавено главните насоки.
Ципрас, кој во јануари годинава првпат дојде на власт, во надеж дека земјата ќе ја ослободи земјата од ригорозните штедења кои ја притискаат од 2010 година, мораше да се откаже од многу ветувања кои ги даде неговата левица. Така, дури и неговата Сириза ги повика своите симпатизери да ги поддржат денешните два штрајка.
Коалицијата на левата Сириза и националистичката Анел на власт сега е ослабена. Нејзиното мнозинство во парламентот, и онака тесно, во ноември дополнително се намали во текот на гласањето за првиот пакет од тешките мерки со кои од доверителите требеше да добие 12 милијарди евра за државната каса и за докапитализација на грчките банки. Така, владејачката коалиција сега има само 153 од вкупно 300-те мандата во парламентот.
За да ја зајакне позицијата, Ципрас мината сабота се обиде да ја придобие опозицијата, во којашто предничи Нова демократија (од десниот центар) која обично ги поддржува мерките договорени со кредиторите, но наиде на спротиставување и од десницата и од социјалистите, иако тие на 13-ти јули го одобрија договорот за 86-те милијарди евра.
Во таквите неповолни прилики, грчката влада и во моментов е изложена на критики поради нејзините постапки во имигрантската криза и бегалците кои со илјадници се истоваруваат на грчките острови. Така, во средата Financial Times и Le Monde пишуваа дека ЕУ размислува за исклучување на Грција од шенгенската зона на слободно движење, што го негираше портпаролката на владата Олга Геровасили./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

