Регион
Салопек на денот на киднапирањето требало да се врати во Хрватска
Возачот на Хрватот Томислав Салопек, кој беше киднапиран и погубен од страна на џихадистите од терористичката организација Исламска држава (IS -ИД), рекол дека тој на денот на киднапирањето требало од Египет да отпатува за Хрватска, пренесува хрватскиот весник Vecernji list.
Возачот Махмуд Метвали требало да го однесе Салопек на аеродромот, бидејќи му истекол договорот за работа и требало да се врати во својата татковина.
„Томислав на 22-ри јули ги спакува своите работи, се подготвуваше да оди дома за летните одмори, но никогаш не стигна дома. Го киднапираа злосторници и терористи, и го убија без милост. Киднапирањето се случи брзо и молневито, исто како во акционите филмови. Се договоривме на 23-ри јули да дојдам по него и да го однесам на аеродромот“, раскажува Метвали.
Исто како и Салопек, и Метвали бил вработен во француската компанија CGG, а според неговите тврдења работата во Египет за Салопек била лесна, поради тоа што тој работел во уште поопасни земји како Сирија и Либија.
„Бевме во службениот автомобил на компанијата, пo извозени 90 километри застанавме да се одмориме. До тој момент сé беше во ред, го продолживме патувањето, а улицата во раните утрински часови беше празна, како и обично. По десет минути возење од паузата, зад нас се појави автомобил и почна да блиндира. Забавив, сакав да го пропуштам, но се шокирав кога погледнав кон автомобилот. Маскиран човек за неколку секунди низ прозорецот извлече пушка и ја впери кон мене“, вели Метвали.
Тој потоа раскажува дека терористот му сигнализирал да го сопре автомобилот, упатувајќи закани.
„Викаше дека ќе нé убие ако не застанеме. Закочив, а четири маскирани лица, кои како да беа подготвени за киднапирање, излегоа од возилото, наредија да излеземе и да легнеме на земја. Не беа во војнички униформи, туки имаа бедуинска облека, здолништа под кои имаа пантолони, а лицата им беа маскирани со палестински марами. Нé врзаа и нé фрлија во кабината, а еден од нив зад нас го возеше нашиот автомобил“, наведува Метвали.
Според него, работите се случувале толку брзо што не биле свесни за тоа што всушност се случува.
„По четири километри возење застанаа, ме одврзаа и ме исфрлија, а со врзаниот Томислав го продолжија патот. Истрчав до полициската станица. Веднаш беше започната потрага по Томислав, а набрзо го пронајдоа и нашиот автомобил. Потоа и автомобилот со кој беше извршено киднапирањето“, заклучува Метвали.
Хрватот Томислав Салопек од страна на припадниците на ИД беше киднапиран на 23-ти јули, а на 8-ми август се појави во видео снимка на Исламска држава, која неколку дена подоцна објави дека го погубила./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

