Регион
Турски војници уапсени во случајот ‘паралелна држава’
Турските власти уапсија во неделата еден офицер на вооружените сили и 33 војници во рамките на истрагата во ткн случај „Паралелна држава“.
Под процесот „Паралелна држава“ во Турција се подразбира и се води против припадници на разни државни институции кои се припадници на движењето „Хизмет“, на чие чело е влијателниот исламски проповедник Фејтула Ѓулен, кој живее во самопрогонство во САД. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ероган, кој порано беше сојузник со Ѓулен, сега го обвинува дека сака да ја собори од власт неговата Партија на правдата и развојот (AKP).
Ердоган го обвинува својот поранешен сојузник дека воспоставил „валкани односи“ со меѓународната заедница, со единствена цел да го клевети управувањето на Турција.
Притворените во неделата, исто така, се обвинети за припадност на радикалната шиитска група „Селам Тавкид“, пренесува агенцијата Anadolu. Обвинителството на Истанбул издало налог за нивно притворање под обвинение за нелегално прислушување, шпионажа, нарушување на приватноста на приватниот живот, нарушување на законот за заштита на приватните податоци, фалсификување службени документи, членство во терористичка организација, и обид за соборување на владата.
Станува збор за права група припадници на вооружените сили кои се уапсени под обвинение за „паралелната држава“. Претходно беа притворени десетици полициски офицери и припадници на разузнавачките и безбедносните агенции, а од нив 28 уште се во притвор. Според турските медиуми, турското обвинителство ќе бара доживотен затвор под обвинение за нелегално прислушување на турскиот државен врв, вклучително и претседателот на земјата.
Ердоган тврди дека Ѓулен преку своите приврзаници распоредени во полицијата и во правосудните органи кон крајот на 2013 година започнал кампања за дестабилизација на неговата влада конструирајќи корупциски афери.
Оваа кампања која започна со приведувања на синови на министри предизвика потреси во владата на владејачката Партија на развојот и правдата, проследени со оставки и смени на илјадници полициски функционери, судии и вработени во јавното обвинителство.
Во декември турскиот суд распиша налог за апсење за Ѓулен кој се товари дека води криминална организација. Минатата седмица нему му беше одземен турскиот пасош, а тој преку медиумите ги отфрли сите обвинувања./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос

