Регион
Турските власти во Истанбул ќе го пуштат во употреба третиот мост преку Босфорот
Со пуштањето во употреба на третиот мост помеѓу Европа и Азија, Истанбул вечерва го добива третиот „ѓердан“ преку Босфор. Мостот кој го носи името на султанот Јавуз Селим и чија изградба започна во мај 2013-та година е завршен во рекордно време од 39 месеци пред планираниот рок за изградба, и веќе по повеќе особини го нарекуваат и мост на рекордите.
Со пуштањето во употреба на третиот мост помеѓу Европа и Азија, Истанбул вечерва го добива третиот „ѓердан“ преку Босфор. Мостот кој го носи името на султанот Јавуз Селим и чија изградба започна во мај 2013-та година е завршен во рекордно време од 39 месеци пред планираниот рок за изградба, и веќе по повеќе особини го нарекуваат и мост на рекордите.
Од Истанбул за Макфакс, Асуде А. Кочан
Со широчина од 59 метри тој го претставува најширокиот висечки мост во светот. Целокупната должина на мостот изнесува 2 илјади и 164 метра, а со должина од илјада и 408 метра над морската површина тој го претставува и најдолгиот висечки мост со систем на железница во светот. Мостот има осум ленти за автомобилски сообраќај и две траси за железнички сообраќај, кои сите се наоѓаат на исто ниво.
Новиот мост на Босфор е дел од Северниот Автопат „Мармара“ од чиј досега изграден дел од 116 километри 13,5 километри минува преку вијадукти, а мостот Султан Јавуз Селим се наоѓа во делот Одајери-Пашаќој. Во европскиот дел на проектот се завршени сите приклучни делници, додека во азискиот дел во почетната фаза возилата ќе преминува по одредени делници. Вкупната должина на автопатите од проектот е 157 километри кои се планира да бидат завршени до крајот на 2018-та година.
За импозантноста на проектот говорат следниве податоци: во целиот проект досега се потрошени околу 230 илјади метри кубни бетон, 50 илјади тони армирано железо, 57 илјади тона градежен челик, 28 илјади тони челични кабли 8 милиони метри кубни асфалт.
Изградбата на мостот чиј градител е холдингот ИЦА (ICA)чинеше 4 и пол милијарди долари и е дело на висока технологија и инженерство, по концесија од 10 години и два месеца мостот ќе му биде предаден на Министерството за сообраќај на Турција.
Новиот мост се очекува во голема мера да го олесни сообраќајот на мегалополисот кој брои 3 милиони и 771 илјада регистрирани возила. Ќе биде смален сообраќајот и на постарите два моста преку Босфор. Товарните сообраќајни возила кои досега поминуваа од вториот мост– мостот Султан Фатих Мехмед, ќе бидат пренасочени на новиот мост и ќе преминуваат на спротивната страна од Босфор без да влегуваат во Истанбул, што додатно ќе се смали оптовареноста на сообраќајот на метрополата.
Мостот ќе биде интегриран во железничкиот систем „Мармарај“ и истанбулското метро, со што ќе се поврзат аеродромите „Ататурк“ во европскиот дел на турската метропола, потоа „Сабиха Ѓокчен“ во азискиот дел и третиот истанбулски аеродром кој е во изградба.
Со железницата што ќе минува преку мостот практично ќе се носат патници од Едрене до Измит. Дневно се очекува премин од 135 илјади возила, преминот од европскиот кон азискиот дел за патнички возила ќе чини околу 3 евра, а за возила со голема тонажа ќе почнува од 4 евра, додека премините од Азија во Европа ќе бидат бесплатни.
На свеченото отворање на кое ќе учествуваат претседателот на државата Реџеп Тајип Ердоан, премиерот Бинали Јилдирим и претседателот на турскиот парламент Исмаил Кахраман се очекува присуство на претседатели на држави и високи државници од балканските земји – Македонија, Србија, БИХ и Бугарија како и од Индија, Северен Кипар, Грузија, Бахреин и министри за сообраќај и економија од многу земји од светот./крај/мф/аак
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.
Регион
По поништената пресуда, повторно пред судот во Белград: Семејствата сведочеа за болката од 3 мај на рочиштето за родителите на момчето убиец
Вишиот суд во Белград денес ги сослуша оштетените страни на судењето на Милјана и Владимир Кецмановиќ, родители на момчето кое уби 10 лица во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година.
Како што дознава Танјуг, следното судење на 25 март треба да се одржи наместо во Палатата на правдата, во зградата на Специјалниот суд на улицата Устаничка.
Ова судење е затворено за јавноста по предлог на Вишото јавно обвинителство во Белград, со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на оштетените. На претходното судење, Милјана и Владимир Кецмановиќ ја негираа вината и ја презентираа својата одбрана, додека одбраната и обвинителството ги презентираа своите воведни зборови.
Судењето се повторува бидејќи Апелациониот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Кецмановиќ беа осудени на повеќегодишни казни и наложи повторно судење.
Судењето е закажано да продолжи на 25 март, а на тој ден се очекува момчето да биде однесено од клиниката каде што се наоѓа од денот кога го извршил масакрот во судницата на Специјалниот суд во Белград, каде што судењето ќе се одржи тој ден од безбедносни причини, објавува Курир.
На денешното рочиште сведочеа членови на семејствата на ранетите и убиените во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Ирина Боровиќ, која ги застапува Кецмановиќ, изјави дека судот бил ангажиран да ги заштити информациите од протекување бидејќи постапката била затворена за јавноста. Таа изјави дека атмосферата била исклучително тешка, но дека во кривично-правна смисла денешното сведочење нема значајно значење бидејќи не укажува на кривичното дело што е предмет на обвинението.
Адвокатот Огњен Божовиќ изјави дека денес биле сведоци на маратон од болка кој, за жал, не ги допрел обвинетите ниту за момент.
„Беа сослушани оштетените страни, кои го преживуваа 3-ти мај и објаснуваа каква ментална болка претрпеле и што знаат за самото извршување на злосторството. Можеме само да се надеваме дека обвинетите, од изјавите што имаа можност да ги слушнат денес, беа во можност да го видат обемот на трагедијата кон која придонеле со своите постапки. Се надевам дека судот ќе ги земе предвид денешните изјави при донесувањето на пресудите“, изјави Огњен Божовиќ.
Јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Никола Ускоковиќ, рече дека останува на ставот дека постапката треба да биде затворена за јавноста, односно дека треба да биде отворена за оштетените страни – членовите на семејствата на убиените, но не и за медиумите.
Апелациониот суд во Белград го поништи поголемиот дел од пресудата против родителите на убиецот во основното училиште „Владислав Рибникар“, Владимир и Милјана Кецмановиќ, наведувајќи „значајни процедурални прекршувања“.
Потврден е само еден дел од првостепената пресуда, имено оној со кој Милјана Кецмановиќ беше ослободена од обвинението за поседување оружје.
Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор со првостепената пресуда за кривичните дела занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против јавната безбедност, додека неговата сопруга Милјана Кецмановиќ беше осудена на три години затвор за кривичното дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице.
Со истата пресуда, Немања Маринковиќ, инструктор на стрелиштето каде што К.К. вежбал стрелаштво, беше осуден на една година домашен притвор за давање лажен исказ.
Покрај кривичната постапка против Кецмановиќ, беа водени и пет граѓански постапки врз основа на барања од членови на семејствата на убиените и ранетите, од кои сите беа завршени во прв степен.
Момчето К. К., кое немало 14 години во времето на злосторството и затоа не е кривично одговорно, пукало во училиште на 3 мај со два пиштоли на неговиот татко што ги зел на 1 мај 2023 година.
Тој ден, ги ставил во ранецот, отишол на училиште и за време на првиот час убил 10 лица и ранил уште пет деца и еден наставник по историја.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.

