Регион
Во Србија одбележана 10-годишнината од смртта на Слободан Милошевиќ
Во Србија во петокот, без многу внимание од медиумите и јавноста, се одбележа десетгодишнината од смртта на поранешниот челник Слободан Милошевиќ, кој почина во притворот на Меѓународниот суд за воени злосторства сторени во поранешна Југославија, каде што му беше судено за воени злосторства.
Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и поранешен близок соработник на Слободан Милошевиќ, Ивица Дачиќ во авторскиот текст за Вечерње новости напиша дека десетте години од смртта на Милошевиќ е малку за историски суд, но дека сите негови соработници и партнери денес знаат дека без него не би ја имало оваа поинаква Србија.
„Новиот век започна без него (Милошевиќ) како политичар, но првите десет години од новиот милениум ги одбележа, покрај трагичниот крај на (убиениот во атентат во 2003 година премиерот Зоран) Ѓинѓиќ и смртта на Милошевиќ“, оценува Дачиќ.
Вели дека десет години по смртта на Милошевиќ Србија изгледа поинаку и дека е поблиску до европската унија, со доверба и почит стекнати во светот, пријателство со Русија и преговори со Приштина.
На гробот на Слободан Милошевиќ во неговиот роден Пожаревац венци и цвеќе положија и почесниот претседателот на СПС, Милутн Мркоњиќ, претседателот на Движењето на социјалистите (ПС) и министер за труд и социјална грижа Александар Вулин, поранешниот соработник на српскиот претседател и осуденик во Хаг и поранешен премиер на Србија, Никола Шаиновиќ, познатиот адвокат тома фила, како и челникот на Српската радикална партија (СРС), исто така, обвинет во Хаг, Воислав Шешељ.
„Србија неправедно се одрече и неправедно го заборави Слободан Милошевиќ, а државата крајно недолично се однесе кон поранешниот претседател кога не дозволи да биде погребан како државник“, оцени Мркоњиќ за весникот Данас.
Вулин, поранешен портпарол на партијата Југословенска левица (ЈУЛ) на Мира Марковиќ, сопругата на Милошевиќ, оцени дека една деценија „не е доволно време за историјата да го даде конечниот суд за некој или за времето во коешто живее, но дека е повеќе отколку доволно лагите кои за него се говореа и на чија основа е урнат, засекогаш да се е растурат“.
„Вистината за Милошевиќ е во овој народ доволно долго и доволно длабоко и таа не може да се промени“, вели Вулин чие Движење на социјалистите е дел од владејачката Српска напредна партија (СНС).
Вулин смета дека Милошевиќ занел да згреши во изборот на своите пријатели, но дека „непријателите непогрешливо го бира него“. „Милошевиќ го напаѓаа поради Србија, а не ја напаѓаа Србија поради Милошевиќ“, вели Вулин кој смета дека семејството на Милошевиќ треба да се врати во Србија и „да добие барем елементарна претпоставка за невиност како и секое друго човечко суштество“.
По повод предлогот на семејството Милошевиќ да му се овозможи враќање во Србија, Мркоњиќ смета дека „од владата во која се СНС и СПС треба да се очекува таква одлука“, ни дека „претходните влади предводени од Демократската партија (ДС) тоа не го сакаа“. „Поинаква Србија, сепак, не би ја имало без него, и да немавме што да научиме до сето она што го работеше, и од неговите грешки и од неговите правилни потези“, оцени.
Милошевиќ почина од инфаркт во притворот на Хашкиот трибунал во текот на судењето за воени злосторства и злосторства против човечноста на територијата на поранешна Југославија. Тогашните српски власти не дозволија да биде погребан во Белград со државни почести, па е закопан во дворот на семејната куќа во родниот Пожаревац, во самрак, а на погребот не присуствуваше никој од членовите на потесното семејство, бидејќи „не добија доволно гаранции за нивната безбедност“.
Неговата сопруга Мирјана Марковиќ ја напушти земјата на 23-ти февруари 2003 година, а синот Марко замина веднаш откако Милошевиќ на 5-ти октомври 2000 година беше принуден да го признае поразот на изборите за претседател на тогашната СР Југославија и сега двајцата живеат во Русија, додека ќерката Марија живее во Црна Гора.
На погребот на Милошевиќ присуствуваа највисоките функционери на неговата СПС, освен Ивица Дачиќ која подоцна стана претседател на СПС тогашниот заменик ан СРС и сегашен претседател на Србија, Томислав Николич, потпретседателот на руската Комунистичка партија, Генадиј Зјуганов, пратеникот од руската Дума, Сергеј Бабурин и генералот Леонид Ивашов, како и поранешниот американски државен секретар Ремзи Кларк.
Како пресврт во дотогаш незабележителната политичка кариера на Слободан Милошевиќ се смета неговиот говор од 28-ми јуни 1989 година на Газиместан, на одбележувањето на 600 години од Косовската битка што се смета за почеток на великосрпските претензии за проширување за сметка на другите република во тогашна СФРЈ, а неговото владеење го одбележаа кусиот судир во Словенија, војните во Хрватска и Босна и Херцеговина, и на крајот судирот во поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија и бомбардирањето на НАТО врз тогашна СР Југославија, од која подоцна истапи Црна Гора.
Каки претседател на СПС двапати беше претседател на Србија, а потоа и претседател на СР Југославија, а крајот на неговото владеење беше во октомври 2000 година, кога победи кандидатот на здружената Демократска опозиција на Србија (ДОС) Воислав Коштуница, на претседателските избори за СРЈ.
Милошевиќ потоа беше уапсен на 1-ви април 22001 година под обвинување за злоупотреба на службената положба, врз основа на уредба на владата на Србија, предаден му е на Хашкиот трибунал на 28-ми јуни 2001 година. На Трибуналот судењето на Милошевиќ започна во февруари 2002 година, судскиот процес траеше четири години, но не завршен бидејќи почина од инфаркт на 64-годишна возраст./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Масовно труење со олово на жителите на град во БиХ
Во општината Вареш во Босна и Херцеговина продолжува сериозната здравствена криза предизвикана од масовно труење со олово. Најновите резултати од тестирањето на повеќе од 100 жители потврдија дека труењето со тешки метали е многу пораспространето отколку што првично се претпоставуваше, пишува N1.
Присуството на олово во крвта овој пат е утврдено не само кај жителите што живеат во близина на депонијата на рудникот ДПМ Метали, во населбите Пржиќи и Даштанско, туку и кај граѓаните од самиот центар на Вареш. Претходните тестови од декември минатата година покажаа присуство на олово во крвта на сите 44 тестирани лица од различни возрасти.
Во меѓувреме, уште девет лица се тестирани приватно, а резултатите само ги потврдија алармантните индикатори. Особено е загрижувачки што олово е пронајдено и во наодите на пет деца под шест години.
Најновите тестови покажуваат дека некои луѓе имаат екстремно високи концентрации на олово во крвта, во некои случаи десетици, па дури и сто пати повисоки од референтните вредности.
„Присуството на олово во крвта е исклучително сложен здравствен проблем бидејќи нема физиолошка потреба од олово во човечкото тело. Современата медицина се залага за ставот дека нема „безбедна“ доза на олово во телото“, велат експертите од Институтот за здравје и безбедност на храната.
Во интервју за локална радио станица, вршителот на должноста градоначалник на општина Вареш, Малик Ризвановиќ, изјави дека, доколку го добие мандатот, здравјето на граѓаните ќе биде негов приоритет. Сепак, информацијата дека непосредно пред објавувањето на новите резултати за труењето, компанијата ДПМ Метали испратила до Владата на Зеничко-добојскиот кантон барање за зголемување на надоместокот за концесија предизвикува загриженост.
„Официјално е дека во петокот ДПМ Метали поднесе иницијатива за зголемување на концесискиот надомест до Министерството за економија на Зеничко-добојскиот кантон. Во наредните месеци ќе има зголемување на концесијата. Она што успеав да го договорам со компанијата е дека, кога ќе се потпише концесијата, таа ќе се плаќа ретроактивно од 1 јануари 2026 година“, рече Ризвановиќ.
Фактот дека самата рударска компанија бара од властите да ја зголемат концесијата што треба да ја плати изгледа неверојатно и покренува сериозни прашања за тоа кој управува со природните ресурси во Зеничко-добојскиот кантон.
„Ако компанијата се обидува да купи социјален мир со овој потег, јасно велиме дека здравјето на граѓаните нема цена и дека е крајно несоодветно да се зборува за концесиски надоместоци во време кога животите на луѓето во Вареш се сериозно загрозени“, истакнуваат жителите на Пржиќ и Даштански.
Властите на Зеничко-добојскиот кантон и Федерацијата БиХ сè уште немаат јасен одговор за ситуацијата во Вареш. Иако условите се исполнети, сè уште не е прогласена вонредна состојба. Исто така, не е познато дали Обвинителството на Зеничко-добојскиот кантон започнало истрага за труењето.
И покрај противењето на локалните заедници и граѓанското општество, надлежните кантонални власти продолжуваат да поддржуваат нови, потенцијално опасни рударски проекти во Вареш, вклучувајќи го и планираното рударство на хром во сливот на реката Криваја.
фото/илустрација/Depositphotos
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.

