Регион
(Видео) Како бил „фатен“ крокодилот во Ниш – волонтерка од здружението за животни зборува за повикот и акцијата

Волонтерите од здружението за заштита на животни „ЗОО Планет“ од Ниш не можеле да веруваат на своите уши кога добиле телефонски повик од една сограѓанка која им пријавила дека вчера, во центарот на градот, видела крокодил.
За да се уверат дека не станува збор за неумесна шега или забуна, побарале снимка од неверојатната сцена на улицата Дечанска, која потврдила дека во центарот на градот навистина се гледа животното, пишува „Нова.рс“.
Волонтерката на „ЗОО Планет“, Јелена Цветковиќ, изјави дека повикот звучел веродостојно бидејќи жената која им се јавила била видно вознемирена, но сепак побарале потврда за да имаат основа за испраќање на патрола.
„Чувме глас на млада жена која ни кажа дека во локва покрај контејнер на улицата има крокодил. Прво помислила дека е гуштер, но дека животното е преголемо за таа врста, па сигурна била дека е крокодил. Рече дека се плаши да му се доближи и дека мисли оти го демне мачките што се движат таму“, раскажува волонтерката.
Според процедурата на здружението, во вакви случаи се известуваат специјалисти за одредени видови животни.
„На колешката задолжена за влекачи ѝ кажав да биде подготвена да реагира штом ѝ се јавам од местото на настанот. Сè уште мислев дека можеби е некоја играчка, бидејќи луѓето фрлаат сè и сешто на улица. Но, кога го видов животното, веднаш ми беше јасно дека не се работи за забуна. На почеток не забележав дека е препариран примерок, бидејќи тие животни имаат обичај да „застанат како укочени“ кога ловат. Кога му се доближив, видов преломи на опашката што укажуваат дека е полнет. Стануваше збор за млад кaјман долг меѓу 50 и 70 сантиметри, кој изгледаше многу живо. Многу луѓе стоеја на улица, гледаа од прозорци и тераси, убедени дека вистински крокодил се појавил во нивното маало. Веднаш ја повикав полицијата, тие направија записник бидејќи мора да се истражи од каде се појавило животното. Станува збор за влекач од листата на загрозени видови, неговите деривати не се легални, па сè тоа мора да се провери. Немаме поим како крокодилот се нашол таму – можеби некој го фрлил случајно додека расчистувал стан, но тоа веќе е работа за полицијата“, објаснува Јелена.
View this post on Instagram
Крокодилот сега се наоѓа во „ЗОО Планет“.
„Чекаме да се исуши за да можеме да го исчистиме, а надлежните органи ќе одлучат што понатаму. Ако се јави некој и докаже дека легално го поседува, ќе му биде вратен. Доколку не се појави никој, можеби ќе биде префрлен во Природонаучниот музеј или ќе остане кај нас. Во случајот е вклучен и Заводот за заштита на природата на Србија, бидејќи веднаш ги известивме за овој невообичаен наод“, соопшти Јелена.
Коментирајќи зошто Нишлиите поверувале дека вистински крокодил се шета по градот, таа вели дека тоа не е толку чудно.
„Луѓето помислија дека излегол од канализација, бидејќи беше во локва. Тоа не е невообичаено ако се земе предвид дека само од почетокот на годинава од шахти сме ваделе риби, јазовци и други животни“, вели Јелена, која е дел од „ЗОО Планет“ веќе 11 години и се грижи и за добросостојбата на животните и за безбедноста на сограѓаните.
Жителите на Ниш и порано биле подигнати на нозе поради „крокодил“
Пред околу дваесет години, жителите на Ниш повторно биле вознемирени поради наводен „крокодил“ забележан во близина на населбата 9. мај. Животното било однесено во Ветеринарен институт каде што било утврдено дека станува збор за вид на гуштер.
Пред 16 години, пак, еден жител на Ниш видел боа (вид на змија) замотана околу банкомат на улицата „7. јули“. Исплашениот човек ги алармирал пожарникарите, кои го ставиле големиот влекач во пластично буре и го однеле. Подоцна, по медиумското известување, се јавил сопственикот и објаснил дека боата, по име Бошко, избегала преку терасата, но тоа не го ослободило од прекршочна пријава поради несоодветно чување на диво животно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На Крит како во Сахара, песок го покри познатиот остров, небото целосно ја промени бојата

Крит се чини дека се претворил во Сахара по огромниот бран прашина што го погоди островот во последните 24 часа, особено над Хераклион, објавува iefimerida.gr.
Градот беше покриен со прашина што пристигнала од пустината Сахара, а небото беше исполнето со ситни честички пренесени од Африка правејќи ја атмосферата задушлива.
The island of Crete in the Mediterranean Sea was covered by a cloud of sand from the Sahara Desert pic.twitter.com/tuMtI9WOpD
— Sprinter Observer (@SprinterObserve) May 26, 2025
Во исто време, возилата, куќите, дворовите, улиците, па дури и дрвјата, беа покриени со дебел слој африканска прашина, односно песок, според медиумот.
Жешкиот југозападен ветер и циклонот од Егејското Море повлекоа топол воздух и песок од Сахара, а температурата на Крит достигна 37 степени, а по продирањето на студениот фронт, се олади на 25 степени.
Според Action24, иако дебелиот слој африканска прашина не влијаел на земјоделските култури, интензитетот на феноменот ги принудил островјаните да користат голема количина вода за миење на куќите, дворовите и возилата поради што резервите во браната „Апоселеми“ значително се намалиле во последно време.
Регион
Пукање во близина на Сараево, голем конфликт меѓу Пакистанци и Авганистанци, шестмина повредени

Шест нелегални мигранти се повредени во прифатен центар во близина на Сараево за време на конфликтот што избувна во ноќта меѓу понеделник и вторник, потврдија полициски и болнички извори.
Според достапните информации, во меѓусебната пресметка меѓу мигрантите било употребено огнено оружје, а полицијата веднаш реагирала и започнала потрага по други учесници во судирот и сведоци.
Полициските службеници пронашле шест повредени лица на местото на судирот во прифатниот центар. Сите биле пренесени во болница, каде лекарите констатирале дека петмина од нив се здобиле со тешки телесни повреди, а двајца од нив се во критична состојба поради сериозноста на повредите.
Полицијата потврди дека во конфронтацијата учествувале мигранти од Пакистан и Авганистан.
„Полициската управа на округот Сараево моментално има неколку лица во статус на осомничени“, изјави портпаролката на полицијата Мерсиха Новалиќ.
Регион
„Европа нема да признае украдени избори“: Вучиќ доби предупредување од Париз и од Берлин

Франција и Германија му испратија пораки на српскиот претседател Александар Вучиќ дека резултатите од претстојните избори нема да бидат признати доколку има изборни нерегуларности или кражба на гласови, објави српска „Нова“.
Предупредувањата му биле пренесени преку политичари блиски до Фридрих Мерц од Германската Христијанско-демократска унија и лица поврзани со францускиот претседател Емануел Макрон, што дополнително го намалува просторот за манипулација на предвремените избори што ги побараа студентите.
„Неколку извори изјавија дека Европа нема да ги признае изборите ако бидат украдени, без оглед на одредени интереси што постојат. Исто така е можно Европската народна партија (ЕПП) да се дистанцира од Српската напредна партија (СНС), иако меѓу европските граѓани постои непишано правило да не се исклучуваат владејачките партии од членство“, изјави извор близок до дипломатијата.
На европско ниво, Брисел се соочува сè повеќе со избор помеѓу декларираните вредности на Европската Унија и интересите поврзани со експлоатацијата на литиум во Србија и француските воени договори, како што е купувањето на борбени авиони „Рафал“. Во исто време, во Србија се поставува прашањето дали студентските листи можат да победат во сегашните изборни услови.
„Во моментов, изборите се во центарот на вниманието. По долга пауза, повторно одиме на прошетка, но сега повеќе поради изборите, сме фокусирани на процесот и што можеме да направиме“, изјави за Н1 студент на Фармацевтскиот факултет за време на вчерашниот протест.
Според истражувањето спроведено од невладината организација ЦРТА, кај граѓаните постои изразено незадоволство, а разликата во поддршката помеѓу владејачката СНС и опозицијата се намалува. „Не знам дали победата на студентите е сигурна, но дефинитивно е можна. Рејтингот на СНС опаѓа и нема да се врати на нивото од пред 1 ноември“, истакна Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки.
Тој предупредува дека најголемиот ризик за опозицијата е ако не успее јасно да се позиционира, ако некои од нив одат на избори, а некои не. „Ништо не може да го гарантира нивниот опстанок освен креирањето на сопствена листа. Проблемот е што локалните комитети може да ги поддржат студентите дури и ако формалните партиски лидери не го сторат тоа“, рече тој.