Регион
(Видео+Фото) Апокалиптични сцени од Словенија по силното невреме: Граѓаните евакуирани, некои места отсечени
Поради обилните врнежи од дожд, кои од четвртокот вечерта предизвикуваат непријатности во некои делови на Словенија, бројни противпожарни единици се на работа цела ноќ. Според податоците на словенечката управа за заштита и спасување, во последните 12 часа се регистрирани повеќе од 1000 несреќи, а на помош пристигнале пожарникари од 168 противпожарни служби. Луѓето мораа да бидат евакуирани од три кампови. На некои места во Штаерска се огласија сирените за предупредување поради опасност од поплави, пренесува „Дело“.
Словенечката агенција за животна средина (Арсо) поради продолжените врнежи кои ќе предизвикаат натамошно издигнување и излевање на потоците издаде црвено предупредување за североисточна, северозападна и централна Словенија, кое важи до денеска на полноќ.
Пожарникарите во текот на ноќта претежно црпеле вода од поплавените објекти, заштитиле неколку одрони, отстранувале отпад од под мостовите и спасувале потопени возила од поплавените коловози, се вели во извештајот на Управата за заштита и спасување на Република Словенија.
Некои места се отсечени од светот поради лавините, изјавија надлежните. Во текот на денот се очекува поголемо излевање на реките.
Многу патишта се затворени поради последиците од невремето, поплавите, наноси од песок и кал и одрони.
Се молат граѓаните да ги напуштат домовите само во итни случаи.
„А доколку треба да патувате, направете го тоа внимателно, следејќи ги упатствата на интервентните тимови на терен. Ситуацијата се менува, се очекуваат дополнителни врнежи, затоа следете ги локалните медиуми преку кои ќе се обидеме редовно да ве информираме“, поттикнуваат локалните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Брнабиќ: Логична e понудатa Србија да биде место за средба меѓу Трамп и Путин бидејќи е неутрална
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска во врска со предлогот на претседателот на Србија Александар Вучиќ, Србија да биде место за средба меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, оцени дека е интересна понуда и дека Србија е единственото логично место за таа средба.
„Мислам дека некако ќе биде, како што рече претседателот, логично место Србија да биде место за средба, бидејќи Србија е единствената земја на европскиот континент која остана неутрална и има независна надворешна политика. Ние сме единствената земја на европскиот континент која не воведе санкции кон Руската Федерација. Од друга страна, Трамп како кандидат за претседател на САД во Србија ја уживаше најголемата поддршка во светот, не само од политичарите, туку и од народот“, изјави Ана Брнабиќ за ТВ Информер.
Таа потсети дека претседателот Вучиќ ги отфрлил понудите и сугестиите дека Србија, како земја која слободарскиот свет ја гледа и почитува како независна, на кој било начин се меша во разни теми и проблеми, но дека оваа понуда е секако логична и интересна.
Таа истакна дека верува дека оваа тема ќе се проучува во Вашингтон.
„Не гледам на која основа Швајцарија би понудила да биде место за средба на тие двајца лидери. Швајцарија е позната како неутрална земја, но сепак воведе санкции кон Русија и се приклучи на целиот пакет санкции кон Русија, а тоа беше крајно изненадувачки, а кога започна војната во Украина, таа ја изгуби неутралноста што ја имаше и го конфискуваше имотот на руските олигарси или го замрзна“, изјави Брнабиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
„Влијанието и угледот на Србија во светот се променија неверојатно во последните 11 години, благодарение на претседателот Вучиќ. Србија повеќе не е истата земја, Србија е земја која се почитува“, рече Брнабиќ.
Зборувајќи за студентските протести кои ги блокираат факултетите, таа рече дека овие протести згаснуваат.
„Легитимно е студентите да чувствуваат дека треба да променат нешто во општеството со своите постапки, но не и дека Србија се уништува“, посочи Ана Брнабиќ.
Регион
Пленковиќ: Не одиме на инаугурацијата на Милановиќ
Ден по поразот на Драган Приморц во вториот круг од претседателските избори во Хрватска, заседаваше Претседателството на ХДЗ, а како што најави лидерот на таа партија и премиер Андреј Пленковиќ, тие нема да присуствуваат на инаугурацијата на ново-стариот претседател, Зоран Милановиќ.
„Нема да дозволиме да бидеме во ситуација да слушаме како Милановиќ дава заклетва на Уставот, која потоа ја прекршува. Само што донесовме одлука да не одиме на инаугурација. Тоа е политички став. Ако некој со месеци го крши Уставот и не му дозволува началникот на Главниот штаб да дојде во парламентот… изјави Пленковиќ на новинарите по седницата на претседателството на ХДЗ.
Тој на денешната средба рече дека не се работи за одговорност, туку за тоа што може да се направи во иднина.
„Му дадовме поддршка на Приморац и сетете се како убедливо победивме на парламентарните избори и го победивме Милановиќ, прекршувачот на уставот“, рече Пленковиќ.
Повтори дека Приморац има сериозни квалитети, а првата сериозна анкета била на негова страна, со оглед на неговиот бизнис, политичкото искуство, научната кариера, социјалната работа.
Но, го внесоа во „машина за мелење на месо“, го ставија во рамка и се вклучија многу актери за да не биде претседател“, рече Пленковиќ.
Зборувајќи за честитките до Милановиќ, Пленковиќ рече дека Милановиќ тогаш не му честитал ниту на Иво Снадер, ниту на Колинда Грабар-Китаровиќ.
„Пред пет години дури му се јавив и лично му честитав“, изјави Пленковиќ.
Регион
(Видео) Силна бура создаде хаос во Црна Гора, граѓаните предупредени: Не излегувајте надвор
Силен ветер дуваше вчера и денеска во централните и крајбрежните делови на Црна Гора. Дрва паднаа на коловозот, дел од фасада на зграда падна на мостот во центарот на Подгорица, а покрив излета од базен во Котор.
Службата за заштита и спасување на Подгорица во изминатите 24 часа на терен имала 20-тина интервенции.
„Во текот на 24 часа на улица паднаа најмалку три дрвја, се беше отстрането со брза акција. Фасада падна во центарот на градот. За среќа насекаде е причинета само материјална штета и нема повредени поради силните ветрови и налети на ветер и можни ризични ситуации, апелираме граѓаните до среда да не излегуваат надвор, апелот особено важи за постарите лица“, вели за новинската агенција „РИНА“ Здравко Блечиќ, командир на Службата за заштита и спасување Подгорица.
Поради лошото време, единицата е во максимална готовност и сите вработени се должни да одговорат на повикот доколку има потреба, вели Блечиќ. Тој посочува дека силниот ветер влијае и на палењето на оџаците што предизвикува пожари во станбените згради.
„Имавме многу пријави за помали пожари, но утринава извршивме и сериозна интервенција кога се запали покрив од куќа во село Загорич. Пожарот беше во напредна фаза, бидејќи ветерот направи тој да се прошири. На пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари и оганот беше успешно локализиран а причинета е поголема материјална штета“, изјави Блечиќ.
На северот на Црна Гора вчера од снежните наноси беа извлечени 14 лица. Според командантот на Службата за заштита и спасување Жабљак Драго Поповиќ, денеска ситуацијата е под контрола.
„Денес немавме интервенција кога станува збор за спасување на заглавени. Патиштата се проодни и се работи нормално. Нормално работи и ски-центарот“, рече Поповиќ.