Регион
Двегодишното девојче кое исчезна во Србија се бара насекаде, полицијата врши распити на голем број лица
Потрагата по девојчето Данка Илиќ (2), кое во вторникот исчезна во Бањско поле во Бор, се уште трае и не се знае како е можно девојчето да се изгуби. Полицијата ја проверува секоја информација што ќе дојде до нив, сослушани се неколку лица, повторно се разговараше со родителите, но ниту една информација не укажува на тоа што се случило и каде е Данка, пишува „Нова.рс“
Екипата на порталот денеска беше во Бањско поле каде се уште има голем број полицајци. Властите со багер го чистеа теренот околу куќата во која последен пат била видена Данка. Исто така, на имотот е извршено ископување, а јамите повторно се пребаруваат.
Полицијата ја истражува секоја трага што може да укаже на тоа што се случило со девојчето.
„Полицијата разговараше со голем број луѓе, соседи, познаници, се со цел да ја пронајде Данка. Досега ниту една трага не довела до тоа каде е девојчето или што и се случило“, вели изворот на Нова.рс.
Истрагата се одвива во повеќе правци, а денеска полицијата повторно разговараше со родителите на девојчето.
„На вториот ден од нејзиното исчезнување, родителите на девојчето биле во полиција до доцна во ноќта. Тие утрово биле повторно повикани, а исто така цел ден поминале во полициска станица. Не се познати околностите врз основа на кои два дена биле на распит. Извесно е дека родителите вчера имале разговори и со Центарот за социјална работа, а повеќе од тоа не се знае“, додава изворот на „Нова.рс“.
Неофицијално беше објавено и дека полицијата нашла нова трага, односно дупка на местото на кое исчезна девојчето, и дека целото внимание го насочува кон тоа.
Она што е сигурно е дека се проверуваат сите околности и се сослушуваат и сите лица кои можеби имаат сознанија за случајот.
Меѓу нив е и кој бил зад воланот на автомобилот „пунто“ што го снимиле надзорните камери на куќата во Бањско Поље, во моментот на исчезнувањето на малата Данка. Куќата пред која е снимен автомобилот се наоѓа на стотина метри од местото каде исчезна Данка.
На снимката се гледа автомобил кој брза околу 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, околу 13 часот и 45 минути, како што вели нејзината мајка.
„Ја знам таа жена, ја видов како носи две деца во парк, страшно е што се случи“, велат соседите.
Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот во Бањско Поље кај Бор. Во средата по 27 часот полицијата ја прекина потрагата и започна друг вид на акција за пронаоѓање на детето. Во ова мало место кај Бор се уште остана одреден број полицајци, а вчера беше блокиран и пристапот до куќата.
Во потрагата по исчезнатото дете се вклучени припадници на Жандармеријата, пожарникари, планинска спасувачка служба, како и голем број доброволци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.