Регион
Малата Данка исчезна пред точно една година, нејзиното тело сѐ уште не е пронајдено

Една година по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во Бањско Поле кај Бор во Србија, а клучните докази сѐ уште ги нема. Телото на девојчето не е пронајдено, на местото на злосторството не се пронајдени биолошки траги, а обвинетите работници на „Водовод“ во Бор ги повлекле признанијата и тврдат дека биле принудени.
Во меѓувреме, како што има сомнеж, Далибор Драгиевиќ, братот на еден од осомничените, бил убиен за време на полицискиот распит. Неговиот случај е префрлен во друго обвинителство, но и по 11 месеци, никој не одговара за неговата смрт. Се поставува прашањето дали правдата ќе биде задоволена за случајот со исчезнатото девојче, пишува „Нова.рс“.
Работниците од „Водовод“ во Бор се обвинети за убиството на малата Данка, кои се товарат дека кобниот ден со службеното возило го удриле девојчето, а потоа телото го ставиле во автомобилот.
Според полицијата и Обвинителството, Данка во еден момент се освестила по што еден од осомничените наводно ја убил.
Иако осомничените првично го признале делото во полиција, подоцна на распитот во Обвинителството ги повлекле изјавите тврдејќи дека биле принудени со тепање во полициската станица. Оттука, Обвинителството остана со задача да го изгради обвинението против нив врз други докази. Тврдењата за злоупотреба при сослушувањето исто така ја доведоа во прашање веродостојноста на досега собраните докази, додека сѐ уште нема одговор на прашањето каде е телото на Данка Илиќ.
И покрај опсежното пребарување на Бањско Поле и околните села, полицијата не успеа да најде ниедна трага за локацијата на телото. Стотици полицајци со денови ја пребаруваа областа, но безуспешно.
Тие се фокусираа конкретно на депонијата, каде што осомничените претходно тврдеа дека го скриле телото. Реонот бил пребаруван неколкупати, но без никакви траги што укажуваат на присуство на девојчето.
Друго важно прашање на кое надлежните институции не нудат одговори е како е можно на местото на злосторството да нема биолошки траги од Данка Илиќ. Досега се анализирани повеќе од 500 примероци од автомобилите што ги користеле осомничените тој ден, но ниту на ниеден не е пронајдена нејзината ДНК.
Покрај неизвесноста за исчезнувањето и убиството на Данка Илиќ, контроверзно е и тоа што полициските службеници одговорни за смртта на Далибор Драгиевиќ во полициската станица во Бор сè уште не се кривично гонети. Поминаа повеќе од 11 месеци од неговата смрт, а никој не е уапсен, иако обдукцијата покажа дека се работи за насилна смрт и дека има сериозни повреди.
Далибор Драгиевиќ, да потсетиме, почина во април минатата година на распит во полициската станица во Бор. Српското МВР тогаш соопшти дека му се слошило на распитот и дека починал од природна смрт. Сепак, како што откри порталот „Радар“, Драгиевиќ бил претепан, а обдукцијата потврдила тешки физички повреди.
И покрај овие информации, до денес не е поведено обвинение ниту, пак, некој одговара за неговата смрт. Случајот првин го водело Вишото јавно обвинителство во Заечар, а подоцна е префрлен во Ниш. Драгиевиќ е брат на еден од осомничените за убиството на Данка Илиќ, што дополнително ги продлабочува сомнежите и отвора голем број прашања за работата на институциите.
Поврзаноста меѓу овие случаи и фактот дека и двата се под истрага го отвора прашањето дали некогаш одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
РТС најави дека ќе ги тужи Информер и Пинк

Радиотелевизијата на Србија (РТС) соопшти дека ќе покрене судска постапка против ТВ Пинк и ТВ Информер и одговорните лица на споменатите телевизии за неовластено емитување на емисијата „Око“.
Од РТС, продуцентот на емисијата „Око“, тврди дека има прекршување на Законот за авторско право и сродни права.
Предупредуваат дека никој од ТВ Пинк и ТВ Информер не се обратил на РТС со барање да ја емитува споменатата емисија во која гостувал српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ минатиот четврток беше гостин во спорната емисија. Тој зборуваше за политичката ситуација во Србија и светот, четиримесечните студентски протести, безбедносните импликации од потерницата на Интерпол за лидерот на босанските Срби Милорад Додик…
Регион
(Видео) Додик се огласи по неколкудневен молк: Пристигнав во Москва

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, по кој трагаат правосудните органи и полициските агенции во Босна и Херцеговина, вчера вечер соопшти дека пристигнал во Москва. „Пристигнав во Москва“, вели Додик во краткото видео објавено на социјалната мрежа Икс.
Откако ја помина минатата недела во Израел, од каде ненадејно замина во четвртокот кога беше прогласен за непожелен гостин на конференција посветена на борбата против антисемитизмот, Додик престојува на непозната локација. Тој сега посочи дека пристигнал во Русија, илустрирајќи го тоа со видео на кое се прикажани ѕидовите на Кремљ зад него.
➡️ Стигао сам у Москву. Сваки мој боравак овдjе почињем посјетом споменику Незнаном јунаку како бих одао пошту 28 милиона страдалих Руса у Другом свјетском рату.
➡️ Овдjе ћу бити поново 9. маја на позив предсједника Руске Федерације Владимира Путина на обиљежавању 80. гoдишњице… pic.twitter.com/CMd5jqYda8
— Милорад Додик (@MiloradDodik) March 31, 2025
Тој објасни дека прво им оддал почит на Русите кои загинаа во Втората светска војна, а потоа рече дека планира повторно да биде во Москва на 9 мај, кога таму ќе се одбележи годишнината од победата над фашизмот.
Регион
Вучиќ: Очекувам да се сретнам со Доналд Трамп во следните два месеци

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во следните два месеци.
„Очекувам да ја имам таа средба. Тој е премногу зафатен, секогаш е можно нешто да се смени, датумот се уште не е одреден, но знаете дека јас сум многу внимателен кога зборувам за тоа. Тоа би било огромна чест за нашата Србија и верувам дека е изводливо“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за вчерашниот телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, како и за нивната средба во април, Вучиќ рече дека секогаш имаат неколку важни теми за разговор.
„Вчера поминавме низ неколку важни теми. Понекогаш разговараме ненадејно. Како што оди по државен протокол, тоа е закажано и се чека пет до седум дена“, рече Вучиќ.