Регион
Нови видеа од убиените војници на ЈНА: ќе соработува ли Словенија во истрагата за военото злосторство кај Копер?
По излегувањето на веста дека српското Обвинителство за воени злосторства, кое води истрага за ликвидацијата на тројца војници на ЈНА во јуни 1991 година од страна на словенечката полиција кај граничниот премин Шкофја, во близина на Копер, сега се поставува прашањето дали новата власт во Љубљана ќе ја опструира или ќе соработува со истрагата.
Српска „Политика“ пишуваше минатата недела дека истрагата за случајот веќе е во поодмината фаза и би требало целосно да расветли сè што се случило во убиството кај Шкофја и да ги доведе пред лицето на правдата не само сторителите туку и оние што го прикривале убиството повеќе од три децении.
На видеоснимките до кои дошло обвинителството, направени пред и по злосторството, наводно се гледаат телата на убиените војници, како и на сторителите – четворица припадници на словенечката милиција, кои може да се идентификуваат – на злосторството од кое поминаа повеќе од 30 години, а за кое сега никој не одговараше.
Во масакрот на словенечката милиција беа убиени војниците на ЈНА – Неџмедин Османи, Бранко Седлар и Слободан Пантелиќ, а тешко беа повредени уште двајца припадници на ЈНА. Во возилото на ЈНА бил и мајорот Борис Ѓоргоски од Прилеп.
Злосторството на граничниот премин кај Копер, кој во тоа време бил заземен од ЈНА, се случил по склученото примирје кога шест војници тргнале да префрлат еден ранет полковник и да набават храна и вода. Словенечката полиција првин одбила да ги пушти, а потоа ги испратила и во заседа, во која загинале тројцата војници.
„Велат дека 30 години чекав за ова, ама не е така бидејќи за мене времето застана во моментот кога во дворот ми го донесоа синот во лимен ковчег. Тој отиде да ја брани државата ако затреба, се заколна во тоа, па на измама пукаа за време на примирјето и ми го вратија детето мртво. Само родителите знаат како е. Затоа, кога зборувам за син ми, зборувам за сите деца убиени и ранети надвор од борба“, изјави Неџади Османи, татко на еден од убиените војници, за „Политика“.
Според информациите на белградскиот весник, новата влада во Словенија нема да ја попречува меѓународната правна помош за сослушување на осомничените бидејќи, меѓу другото, е должна да го стори тоа според Женевската конвенција.
Исто така, Словенија треба да соработува и во понатамошната работа за овој случај, што би значело сослушување на осомничените за убиствата на војниците и во Словенија, а потоа судствата во двете земји треба да одлучат за натамошното водење на постапката.
Инаку, во Словенија се водеа 28 кривични постапки за наводни воени злосторства против припадници на ЈНА, а не беше спроведена ниту една истрага за утврдување на околностите на стотици убиства, ранувања, затворања и злоупотреба на војниците на ЈНА и членови на нивните семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Видов дете на подот од училницата, се плашев од најлошото“: родителите раскажуваат за моментите на ужас во Загреб
Цела Хрватска е во шок поради трагедијата во Загреб. 19-годишен напаѓач со нож утрово влегол во основно училиште, ги нападнал учениците и наставничката. Едно дете загина, неколку се повредени. Наставничката е оперирана и е стабилна, според написите.
Напаѓачот е повреден и е под полициски надзор, едно дете е пренесено во болница со хеликоптер, а очевидците на овој невиден чин се во неверување, пренесуват медиумите.
Репортерката на „Дневник“, во разговар со две мајки на деца кои одат во тоа училиште, пренесува дел од моментот.
„Родителите се уште се во шок и потресени, нема вистински зборови со кои може да се опише тагата и болката на починатото дете. Тие спонтано почнаа да се собираат на училишното игралиште, палат свеќи, носат играчки и пораки за починатото седумгодишно дете“, вели таа.
Револтираните родители кои беа сведоци на ужасните сцени од утрово истите ги раскажаа во изјава за медиумот.
„Ми се јави другарка, инаку, син ми оди во истиот клас каде што се случи трагедијата. На повик на другарка, чија ќерка оди во истиот клас, јас буквално дојдов овде во пижами. Добив информација дека некој со нож бил во училиштето, најдов 10-15 родители, никој ништо не знаеше, но во рок од пет минути сите родители беа околу училиштето, ги повикуваа своите деца и бараа да ги пуштат надвор“, рече Маја Јелиќ.
„Ја барав ќерката на другарка ми, па се шетав покрај училиштето и училниците, видов дете како лежи на подот од училницата во локва крв, онесвестено и… се плашев од најлошото, што на крајот се случи“, рече таа и напомена дека ќе се плаши да ги прати децата на училиште.
„Апсолутен страв владее и ќе владее уште некое време. Мислам дека сега се плашат и учениците и родителите и наставниците од сите други училишта. Каде сме ние овде што сме сведоци на се“, заклучи една од мајките.
„По тој настан ни се јави наставничката да провери како се децата и како сме ние. Добивме инструкции од класниот претставник во советот на родители за психолошка помош во кризни ситуации“, раскажува друга мајка Мартина Павичиќ Одобашиќ.
„Ме повика наставничката на мојот син кој ги немаше првите три часа. Инаку имам две деца кои одат во ова училиште, второто дете беше на училиште за време на овој настан. За време на евакуацијата наставничката ми се јави и ми рече: „Те молам, остави го синот дома, напаѓачот е во училиште, заклучете се. Не ми се верува дека била толку прибрана и дека знаела дека моето дете не е на училиште и дека треба да остане дома“, вели мајката во изјава за медиумот.
Регион
Вучиќ за Украина: Погледнете што рече Путин, не верувам во брзо примирје, светот оди во многу лоша насока
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ гостувајќи во емисијата „Ќирилица“ зборуваше за развојот на ситуацијата во Украина.
„По ужасниот украински напад на Ростов со американско и англиско оружје, Путин рече дека тоа е де факто објава на војна, но ова со гасот дополнително ги комплицира работите и за Трамп. Кога Русија вели дека НАТО се подготвува за војна, дава точни информации, кога НАТО вели дека Русија се подготвува за војна, не се сомневам дека е неточно. Не верувам во брзо примирје. И Путин и Русија изгубија многу луѓе за да туку така се согласат да ја замрзнат ситуацијата исто така, Украина изгуби многу луѓе за да се согласи на лесно губење на дел од територијата.
-Се надевав многу, се уште имам трошка надеж поради доаѓањето на Трамп, но таа надеж е се помала. Светот оди во многу лоша насока“, изјави Вучиќ.
Регион
Рама: Косово треба да го замрзне дијалогот со Србија
Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека Косово треба да го замрзне дијалогот со Србија без рок и да се стреми кон нормализирање на односите со неа преку билатерален дијалог со Европската унија, како и дека товарот на вината за деградацијата на тој процес мора да падне на Србија.
„Косово треба да го замрзне дијалогот. Билатералниот дијалог со Србија и нормализацијата на односите со северниот сосед треба да бидат фокусирани на дијалогот со ЕУ. Прекинување на папочната врвца на националистичкиот реципроцитет со Србија и врзување на папочната врвца на европскиот реципроцитет со ЕУ“, рече Еди Рама пренесува Косово онлајн.
Како што наведе, казнените мерки на ЕУ против Косово се апсурдни и мора да се укинат.
„Мерките се апсурдни и заедно со претседателот Османи на самитот на ЕУ пред два дена силно инсистиравме овие мерки да се отстранат. Но мораме да бидеме рака под рака и да ги убедиме и најголемите скептици во ЕУ во апсурдноста на нивните резерви во однос на признавањето на Косово како суверено. Во нивните очи, товарот на вината за деградацијата на европскиот дијалог за нормализација треба целосно да падне на Србија, но никогаш не смееме да дозволиме ни трошка да падне на Косово“, рече Рама.
Тој додаде дека би бил среќен доколку Косово биде рамо до рамо со Албанија на патот кон интеграцијата во ЕУ.
„Со потполно уверување велиме дека Албанците генерално се на патот на напредокот, дека тие се најдинамичната нација во овој дел од Европа и светот и дека имаат историска шанса да се приклучат на големото семејство на ЕУ со своите вредности“, рече Рама, потсетувајќи на зборовите на Ибрахим Ругова за целите за членство во ЕУ, НАТО и трајно пријателство со Соединетите Американски Држави.
Тој посочи дека Албанија сака да му помогне на Косово во секој поглед.
„Но, нашите можности, никогаш не заборавајте, не можат ниту да се споредат со можностите на нашите пријатели и стратешки сојузници, а нивната иритација кон Косово не спречува да правиме колку што сакаме“, рече Рама.